МВР не даде зелено светло за државјанствата со тројца сведоци

22

Предлог-законот за државјанство кој што го поднесоа албанските опозициски партии при крајот на минатата година, не наиде на поддршка во надлежните институции. Министерството за внатрешни работи даде негативно мислење на идејата државјаните од поранешните југословенски републики, кои до независноста на 8 септември 1991 година живееле во Македонија, да можат да добијат македонско државјанство само со изјави од сведоци, без да бидат приложени документи како доказ. Станува збор за граѓани кои се родени и живеат во Северна Македонија, но немаат државјанство иако најчесто ги исполнуваат условите за тоа. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски предлогот го оцени како „политички памфлет“.

Со измените на Законот за државјанство што се разгледуваат во Собранието по скратена постапка на предлог на пратениците од Алијанса за Албанците и Алтернатива, оној што бара македонско државјанство, ќе треба да обезбеди изјави од три лица што ќе сведочат дека барателот живеел на територијата на Македонија до 8 септември 1991 година или, пак, изјава на само едно лице што во тој период било жител или сѐ уште живее во местото во кое живеел барателот. Додека измените поминуваат низ собраниските филтри, во јавноста се кршат копјата околу оправданоста на ваквиот предлог. Ставувањата се дали на ваков начин се отвара простор за злоупотреби околу делење државјанства на тацна, особено ако се покажат како точни калкулациите дека на тој начин до македонски документи би дошле 70.000 лица.

„Раководството на МВР има отворено процес, се разговара за тоа каде би требало да дојде до измени на Законот за државјанство за да им се овозможи на оние лица кои од сериозно објективни причини не можеле да добијат или пропуштиле некакви рокови во минатото, да можат да остварат право на државјанство на Р.С.Македонија, меѓутоа при тоа сепак да се заштитат националните и државните интереси“, е ставот на МВР. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека врз основа на тој став се разработуваат можни варијанти на Закон за државјанство. Кога ќе бидат подготвени, ќе бидат доставени до Владата. Според Спасовски, носењето Закон за државјанство, односно негово предлагање, е исклучиво надлежност на МВР и не може да се очекува дека некој од надвор треба да даде законско решение. Во однос на предложениот законски текст за државјанство од страна на коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива, Спасовски вели дека од тој „политички памфлет“ не може да сфати што сакаат предлагачите, кои не нудат трајно решение.

„Нас ни треба трајно решение, заштита на државните и национални интереси и заштита на граѓаните кои се тука и треба да го добијат тоа државјанство, а од објективни причини не можеле да го добијат досега“, изјави министерот Спасовски, по примопредавањето опрема наменета за потребите на сообраќајна полиција.