Вториот по големина град во Австралија, Мелбурн влезе во првиот ден од шестнеделниот карантин, повеќето продавници и канцеларии се затворени, со што е предизвикано стравување од можен недостиг на храна, додека властите се борат со втор бран на пандемијата на коронавирус.
Продавниците се затворени, а улиците пусти во петмилионскиот град, престолнина на австралиската држава Викторија, која во последните 24 часа пријави 471 случај на зараза со коронавирус и осум смртни случаи поврзани со заразата.
Австралија сега вкупно бележи околу 20.000 случаи на зараза и 255 смртни случаи, што е сè уште многу помалку отколку во многу други развиени земји.
Но, порастот на заразата во државата Викторија се заканува дека ќе се прелее и на остатокот од земјата. Нов Јужен Велс во средата забележа 12 нови случаи на ковид-19, па вкупно се 483.
Наметнатата четврта фаза на рестрикиции поради коронавирусот што стапи на сила во Мелбурн, вклучува полициски час од 20 до 5 часот, луѓето мора да останат во радиус од пет километри на своите домови и имаат еден час за вежбање.
„Веќе еднаш ја израмнивме крива, повторно ќе ја израмниме“, изјави министерот за здравство Грег Хант пред новинарите.
Премиерот на Викторија, Даниел Ендрјус, ги повика жителите на Мелбурн, кои со недели живеат со поблаги мерки карантин, да останат мирни и покрај зголемената побарувачка за набавки во супермаркети.
„Нема потреба луѓето да прават залихи на храна за повеќе месеци“, рече Ендрјус пред новинарите во Мелбурн.
Кланиците се едни од ретките компании што им е дозволено да останат отворени во Мелбурн, иако со намалена работна сила.
„Се обидовме да воспоставиме рамнотежа со намалување на обемот на движење, со што ќе се намали бројот на случаи, а без да се загрози она што на граѓаните им треба на полиците во супермаркетите“, додаде Ендрјус.
Стапката на невработеност на национално ниво ќе се искачи на околу 10 проценти благодарение на обновените рестриктивни мерки во државата Викторија, рече австралискиот премиер Скот Морисон.
„Овие мерки ќе имаат големо негативно влијание врз нашиот пат на закрепнување“, рече премиерот.
По затворањето на меѓународните граници, воведувањето на карантин во градовите и започнувањето на кампања за тестирање, во јуни Австралија повторно се отвори со дневен пораст на заразата тогаш бележена со едноцифрени бројки.