Меморандум за развој на вертикалниот коридор меѓу Грција, Бугарија, Романија и Унгарија

1

Двонасочни текови на природен гас од север кон југ и обратно ќе овозможи имплементацијата на „Вертикалниот коридор“ за кој потпишаа Меморандум за разбирање операторите на системите за природен гас на Грција, Бугарија, Романија и Унгарија.

Со меморандумот за меѓусебна соработка операторите ДЕСФА и Гастрејд од Грција, Булгартрансгаз и ИЦГБ од Бугарија, Трансгаз од Романија и ФГДСЗ од Унгарија ја афирмирале нивната посветеност за развој на потребните проекти за реализација на „Вертикалниот коридор“.

Како што соопштија од грчка ДЕСФА, договорот што ќе важи три години со можност за продолжување за уште една година е заснован на Меморандумот за соработка- Заедничката декларација потпишана на 8 септември 2016 година од министрите за енергетика на Грција, Бугарија, Романија и Унгарија за развој на „Вертикалниот коридор“ на природен гас.

-Рамката за соработка дефинирана со Меморандумот предвидува дека компаниите ќе ги истражуваат техничките спецификации на новите приклучоци, цевководи, интерконекции или засилувања на постојните мрежи и ќе ги развијат планираните проекти во регионот земајќи ги предвид енергетските стратегии и политики на ЕУ, како и релевантните случувања на регионалниот пазар на гас. Дополнително, компаниите се согласија дека Меморандумот ќе претставува основа за интензивна соработка во иднина, во однос на можноста за изградба на потребната инфраструктура за транспорт на природен гас до транзитните земји и до пазарот на ЕУ од Грција преку Бугарија, Романија до Унгарија и обратно, соопштија од грчкиот оператор за пренос на природен гас.