Ментална апсаана

478

Лично сметам дека и албанската, а и македонската страна држат во заложништво една голема бројка на интелектуалци кои мораат да размислуваат етнички, а не економско-политички. Тоа воопшто не значи дека некој помалку би бил Албанец или Македонец ако се извлече најдоброто, најпаметното, најискусното! Ама, кому му е потребно тоа. Ментална апсаана е воопшто да живееш во свет во кој владее правилото ‘‘или си со мене, или си против мене‘‘. Оваа држава не е одамна држава,.. така рече еден пред самопослуга …

Од Агим ЈОНУЗ

Колку еден албански интелектуалец може да биде слободоумен? Да не размислува по било каква партиска филозофија. Како изгледа еден квалитетен албански интелектуалец? Дали Албанец мора да биде и да делува само во рамки на албански политички кампус? Дали еден албански интелектуалец мора да вика ‘‘ амин‘‘ на секоја политичка одлука која е исклучиво донесена ‘‘од албанска страна‘‘. Може ли еден албански интелектуалец по прашање кое не е од етно-национален карактер да се согласува повеќе со еден Македонец, отколку со просечен албански политичар. Ова се теми кои се анатемизирани. Зошто? Ајде да размислуваме онака ‘‘ ачик‘‘ без да се плашиме дека ке бидеме осудени.

Дали рамковниот договор колку што донесе бенефит, толку ограничи една маса албански интелектуалци да не може да размислуваат со своја глава.

Градиме граѓанско општество. Отворено општество во кое секој има своја шанса. Општество на рамноправни граѓани. Ок. Сето тоа е декларативно одлично речено. Дали е во стварноста така.Не е! И нема да биде уште долго време од неколку причини.

Како прво, албанскиот политички кампус е само декларативен во однос на отвореноста за не-албански членови. Во суштина, целиот политички филм е етнички. Македонскиот до сега покажа дека има простор за албанци, иако целиот тој филм е ‘‘мижи Хасан да ти бајам‘‘. Првиот момент кога во прашање ке се доведе он или ти, ќе ти стане јасно дека таму си само – гостин со сајгија и ништо друго. Секое мешање ‘‘ние кај вас или вие кај нас‘‘ е глумење на демократија во која се е една вештачка љубов која ‘‘на прва кривина‘‘ се тумба и паѓа во амбис. И сето тоа во повторувам по стоти пат, во декларативно градење на општество на рамноправни граѓани. Граѓанско општество најмалку прашува како се викаш, и дали си ‘турчин или каурин‘‘. Граѓанско општество прашува само ‘‘дали те бидува или не‘‘!

И македонците и албанците во Македонија се искомплексирани народи. Македонците поради тоа што во своја држава не знаат да изградат држава како што треба со сите нишани, а албанците затоа што во таа иста држава не можат да бидат ‘‘свои на своето‘‘. Од таа причина, етно-поделеноста е платформа за милион теми на кои припадноста на една или друга страна се комерцијализира до максимум.

Смешнен е податокот кој се гледа ‘‘од авион‘‘, а тоа е ситуацијата во која додека македонците се борат надвор од границите да се покажат и докажат како рамноправни, албанците тоа го прават внатре во државата. И сето тоа паралелно со дефиницијата дека Македонија е веќе изградена граѓанска држава на рамноправни граѓани. Албанците имаат високи места во власта и во државата. Арно ама, да не се лажеме, еден голем дел поради чиста политичка мудрост, уценувања и комбинаторики кои на македонската страна не им оставаа место да прават поинаку.

Како изгледа една права граѓанска држава?

Откога лидерот на ДУИ Али Ахмети излезе со пораката дека следниот чекор е Претседател-Албанец, во целата таа еуфорија никој не постави едно нормално прашање. Тоа прашање е следново: ‘‘ каква врска има од кој етникум е претседателот на една демократска граѓанска држава‘‘?! Ова отвара милион други прашања, како на пример зошто на тоа се гледа како на некаков спектакуларен и триумфален чин? Алоо ‘‘ оо шоч‘‘, па и циган може да биде! По устав и закон. Во Америка една од нај незамисливите работи беше дека претседател може да биде црнец! И? Ете, Обама стана претседател и никому ништо! Србите викаат ‘‘свако чудо за три дана‘‘. Она што е најпоразително е тоа што сите се ќорави на еден податок. Додека Македонија оди по патот на развивање и градење по некаков европски терк, ние сеуште треба да размислуваме на кој ‘‘етнички модел‘‘ размислуваме.Се додека и македонците и албанците не ги излечат своите комплекси на ‘‘етно страни‘‘, нема да имаме ни ‘‘Г‘‘ од граѓански концепт на општество. Сево ова што го зборам е под предпоставка дека намерата да градиме здраво граѓанско општество е сериозно. Во такви оптштества битна е државата, животот во неа, стандардот на граѓанинот и економската благосостојба.

И сега доаѓаме до насловот на колумната. Ментална апсаана. Што подразбира таа? Ако веќе државата е дефинирана по устав и закони на начин кој дефинитивно албанците ги прави рамноправни во државата, која е пречката да се направи политички блок, во кој албански и македонски интелектуалци би делувале заедно!?

За да се изгради квалитетна држава потребни се здрави кадри и луѓе кои си ја знаат работата. Под услов навистина да се решени да живеат нормално. Ако политичките партии кои со години опстојуваат на ниво на етнички антагонизам и ‘‘секој своја страна‘‘ не дозволуваат некој да размислува поинаку, тогаш државата има сериозен проблем. Лично сметам дека е крајно време да се мобилизира целиот ‘‘ паметен свет‘‘ на оваа држава без да се гледа на етничкото потекло и предзнак.

Албанскиот кампус од самиот почеток на постоење на државата функционира по системот ‘‘ или си со мене или си против мене‘‘. Македонската страна е ‘‘ дамбетер‘‘, ама многу успешно глуми дека е космополитска и дека не гледа на тие нешта. СДСМ е прва партија кон која се приклучи една бројка албанци, се додека не се виде дека тоа е политичка ‘‘шминка‘‘ зад која стое само потреба од гласови за одржување на нивото. Се е калкулација со емоции, ветувања и празни муабети. Единствени добитници се само оние кои ја креираат и контролираат ситуацијата. А, таа вели дека има строга забрана некој да размислува вон етничкото клише. Ова се однесува и на македонската и на албанската страна.

Долго време оваа држава ‘‘ нема да биде држава‘‘! Се додека луѓето и политичарите, интелигенцијата и високата еминенција не мислат за добро на државата туку за политички профити. Лично сметам дека и албанската, а и македонската страна држат во заложништво една голема бројка на интелектуалци кои мораат да размислуваат етнички, а не економско-политички.

Тоа воопшто не значи дека некој помалку би бил Албанец или Македонец ако се извлече најдоброто, најпаметното, најискусното! Ама, кому му е потребно тоа. Ментална апсаана е воопшто да живееш во свет во кој владее правилото ‘‘или си со мене, или си против мене‘‘.

Оваа држава не е одамна држава,.. така рече еден пред самопослуга …

(Авторот е редовен колумнист на весникот КОХА)