Меркел ги поканила Заев, Радев и Макрон на заедничка средба

7

Бугарскиот претседател Румен Радев бил поканет од страна на германската канцеларка Ангела Меркел на заедничка средба со францускиот претседател Емануел Макрон и македонскиот премиер Зоран Заев. Ова го соопшти прес -службата на Радев еден ден пред самитот на Европската унија и Западен Балкан, што треба да се одржи во Брдо, Словенија.

– Сакам да потврдам дека утре рано со работен појадок почнувам состанок со комесарот Вархеји и премиерот на Словенија како земја претседавач со Европскиот совет и заедно со претседателот Румен Радев, секако тие до крај треба да бидат потврдени, но во агендата веќе се вклопени. Веднаш после тоа ќе имам состанок со канцеларката Меркел, со претседателот Макрон и претседателот Радев. Секако, знаете дека ќе разговараме за изнаоѓање на решение и уште еднаш да ја испратиме позитивната порака и на билатералното пријателство, добрососедство и соработка, но и заложбите на Бугарија за интеграција на Западен Балкан во ЕУ, како и на Северна Македонија конечно да го направи чекорот којшто толку долго го очекува, потврди премиерот Заев.

Тој потсети дека ова е Самит за поддршка на Западен Балкан со заклучоци што јасно треба да испратат порака дека ЕУ останува насочена и фокусирана кон проширувањето, односно кон мотивацијата на Западен Балкан да продолжи со реформите на мериторен начин комплетно согласно новата методологија а согласно со тоа Европа да ги испорачува наградите коишто треба да следуваат со исполнувањето на сите тие услови.

Заев исто така повторно подвлече дека очекува чисти пораки спрема Северна Македонија, и чисти пораки спрема целиот Западен Балкан, дека Европа останува комплетно фокусирана кон интеграциите на Западен Балкан со сите детали внатре, како успеваат реформите, како чекориме напред, како се исполнети условите така да продолжиме, изразувајќи очекување ЕУ до крајот на годината да го испорача следниот чекор а тоа е одржување на првата меѓувладина конференција.

Фокусот на европските лидери на Самитот по се изгледа ќе биде насочен кон Радев и Заев, судејќи според распоредот опишан во соопштението. Според него од 07:30 часот, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и словенечкиот премиер Јанез Јанша ги канат Заев и Радев на заедничка средба, а од 9:00 часот е средбата на Заев, Радев, Меркел и Макрон.