Меси е слободен играч, Барса е прва опција, но не и единствена

7

Како што е веќе познато, му истече договорот на Лионел Меси со Барселона, а од денеска е и официјално слободен играч.

Раководството на Барселона деновиве упорно им кажува на шпанските медиуми „дека се водат преговори“, што треба да значи дека Лео е заинтересиран да остане на Ноу Камп, каде се прослави, но тој е практично достапен за секој клуб од полноќ во светот без никаков надомест.

Според шпанскиот фудбалски стручњак Гилем Балаге, цитиран од „Би-Би-Си“ во неговиот извештај „Ситуацијата на Меси“, Барселона ќе може да издвои „само“ околу 200 милиони евра за неговата плата, што е помалку од порано, сето тоа поради правилата околу финансискиот фер-плеј.

– Меси знае дека има интереси за него и од други клубови, но тој сè уште не започнал преговори со нив, бидејќи сака да види како ќе се развива ситуацијата со Барса – открива споменатиот шпански новинар.

Да потсетиме, 34-годишниот Аргентинец, кој исто така беше поврзуван со ПСЖ, Манчестер сити и американската МЛС лига, моментно се наоѓа во Бразил со неговата репрезентација на „Копа Америка“.

На јужноамериканското првенство Меси стана рекордер на Аргентина со својот 148-ти настап за националниот тим. Тој рекорд го забележа со два гола и асистенција во победата од 4:1 над Боливија.