МЗ: Во вчерашниот пожар во модуларната ковид-болница во Тетово загинаа 14 лица

19

Министерството за здравство утрово соопшти дека во вчерашната трагедија во модуларната болница на ковид-центарот во Тетово во пожарот загинаа вкупно 14 лица. Меѓу настраданите нема здравствени лица, освен неколкумина кои се со полесни повреди.

Во ковид-центарот за време на пожарот имало вкупно 26 пациенти. Останатите 12 се на лекување во тетовската болница и се надвор од животна опасност.

Министерството за здравство изразува сочувство до семејствата на загинатите и длабоко жалење за стравотната несреќа. Исто така, во текот на денот, Министерството постојано ќе информира за сите нови детали околу случајот и апелира до медиумите и граѓаните да ги следат официјалните информации и да се воздржат од шпекулации за трагичниот настан.

Претходно, ОЈО соопшти дека издадени се наредби за обдукција и идентификување на телата на 14 лица починати во пожарот, додека се испитува и дали има и други починати лица. За некои од починатите ќе биде потребна ДНК-анализа за да се утврди нивниот идентитет. Исто така, според првичните сознанија на ОЈО, меѓу починатите нема медицински персонал.