Милевски: Овој меч не е решавачки и нема да биде ист како во Букурешт!

6

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски посочи во пресрет на утрешниот меч од шестото коло во мундијалските квалификации, дека пресметката со Романија на Националната Арена „Тодор Проески“ нема да биде решавачки меч, зашто очекува до крај да се води битка за второто место кое носи во баражот за СП во Катар.

Македонија со осум бода на контото ја пречекува Романија која е бод пред нас на табелата, на која Германија е лидер со 12, а Ерменија има десет, па оваа пресметка е шанса за црвено-жолтите“ за одмазда за поразот во март во Букурешт со 2-3, а и шанса да останеме во игра за тоа второ место.

„Оваа селекција сега е во друга ситуација, на старт на друг проект за тоа како ќе изгледаме во иднина, па во однос на тој прв меч кој го загубивме со 2-3, нема да биде сега истиот. Нѐ чека многу поинаков меч од тој, а ова е и наш прв собир како селекција. Романија е одлична селекција, квалитетна и како тим и индивидуално со поедници и за нив е плус тоа што доаѓаат во добар моментум после две победи. Но, ние не се плашиме и сконцентрирани сме само на тоа како ние ќе изгледаме на терен, како ние ќе играме“, вели Милевски.

Иако исходот од мечот може да го покаже правецот за остатокот од квалификациите, Милевски е убеден дека овој меч не е решавачки за никој во оваа изедначена група на патот кон второто место.

„Секој меч има посебно значење и не е ова никакво ‘финале’. Има уште многу да се игра, иако може да отидат во друг правец овие квалификации. Но, утрешниот меч си има свое значење, но и останатите четири меча исто така. Затоа не мислам дека овој меч е одлучувачки, зашто оваа група е составена од изедначени селекции и ништо нема да биде решено до последен меч. Јас само се надевам дека ќе останеме конкурентни до крај“, додава Милевски.

Киксот на Исланд е веќе минато, а Милевски посочува без оглед што ова е трет меч за седум дена и физички нѐ чека нови исцрпувачки 90 минути, потенцира дека сите што ќе истрчаат ќе го дадат максимимот за да го надополнат тоа што на дел од фудбалерите им фалат мечеви во нозе на стартот од оваа сезона.

„Заборавен е тој меч со Исланд, сите мотиви и сета концентрација е насочена утре кон мечот. Имаме фудбалери кои не се во ритам и тешко е да се издржи ваково темпо на терен, ама сигурен сум дека сите што ќе истрчаат ќе дадам максимум за да го минимизираат тој момент на недостаток на мечеви во нозете, но за мене најважно е што сме спремни и што сите сме здрави и се надевам дека и вечерва по тренингот така ќе останеме. Така да сите конкурираат за тимот“, додаде Милевски.