Милошоски во нов обид да отвори расправа за Бугарија во собраниската Комисија

41

Закажана е нова седница на Комисијата за надворешни работи за „утврдување национален став за македонските ЕУ-интеграции, наспроти позициите на официјална Софија…“
Претседателот на собраниската Комисија за надворешни работи, Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, закажа нова седница за „утврдување национален став за македонските ЕУ-интеграции, наспроти позициите на официјална Софија…“, откако минатата седмица не можеше да обезбеди кворум за расправа на оваа тема, ниту присуство на поканетите министри Никола Димитров и Бујар Османи.

Седницата е закажана за четврток во големата сала „Борис Трајковски“ во Собранието, така што Милошоски забележа на Фејсбук дека е сигурен дека ќе се почитуваат сите здравствени протоколи и дека поканетите министри ќе се чувствуваат сигурно, алудирајќи на објаснувањето на Димитров зошто минатата седмица на присуствувал на комисиската седница, на која не дојдоа ниту пратениците од мнозинството.

Според Милошоски, темата Македонија-Бугарија предизвикува огромен политички и медиумски интерес и граѓаните со право очекуваат плодна дискусија и јасен став по ова битно прашање.

„Пратениците, заедно со Владата, мора да утврдат заеднички став и национални црвени линии наспроти меморандумот на Бугарија, кој претставува историски анахронизам, спротивен на европските повелби за човекови права. Достоинството и самобитноста на македонскиот народ е европска културна, книжевна и јазична вредност и затоа ЕУ треба да отвори преговори за членство без дополнителни уцени“, напиша Милошоски на Фејсбук.