Милошоски чека Минов да свика комисиска расправа за инцидентот на Џафери

7

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски ќе почека претседателот на собраниската Комисија за деловнички и мандатно имунитетски прашања да свика седница за инцидентот на претседателот на Собранието Талат Џафери кој беше снимен како вулгарно вика и навредува вработени од службите, во споротивно тој ќе иницира комисиска расправа.

– Ќе почекам да се изјасни претседателот на Комисијата Панчо Минов оти знам дека допрел глас до него за инцидентот на Џафери, па ќе преземам следни чекори – вели за „Слободен печат“ Милошоски.

Пратеникот преку Фејсбук го повика Минов како претседател да свика седница на Комисијата која е надлежна за утврдување на тешки повреди на собранискиот Кодекс за етичко однесување на пратениците, во случајов сторени од претседателот на СобраниетоТалат Џафери.

Милошоски го повикува Минов во најкус можен рок да закаже јавна седница, да го покани и пратеникот Талат Џафери и да му изрече јавна опомена. Според опозицискиот пратеник, ова би бил еден чекор кон очекуваната оставка после бруката во Собранието.

– Тешка повреда сторил „пратеникот кој што врши притисок на државните службеници и на другите вработени во Службата на Собранието во извршувањето на нивните работни задачи“. Ова е запишано во член 14 од Кодексот за етичко однесување на пратениците кој е усвоен во 2018, а како прв предлагач потпишан е пратеникот Талат Џафери. Истиот пратеник од позиција на претседател на Собранието на 11 мај, како мшто слушна целата јавност, со крајно вулгарен речник врши притисок кон вработените во службата за седници во Собранието, пцуејќи ги нивните мајки и омаловажувајќи го нивното достоинство. Ова е досега најтешката повреда на Етичкиот кодекс, која мора да биде санкционирана согласно истиот – вели Милошоски.

Претходно Левица побара Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања да изрече јавна опомена и суспензија на Џафери, како и забрана да претседава со Собранието во траење од еден месец. И Левица се повикува на членот 14 од Кодексот и според партијата, Џафери предизвикал тешки Кодексот за етичко однесување на пратениците, со што на вработените во Собранието им извршил притисок за време на извршувањето на нивните работни задачи, користејќи зборови и изрази со кои ги омаловажува и го навредува нивното достоинство.