Митрески: ВМРО-ДПМНЕ што поскоро да каже на која комисија да се разгледува Договорот за коридорите

0

Бидејќи ВМРО-ДПМНЕ бараше да се разгледува Договорот за коридорите, самите да одлучат на која комисија, кога и каде сакаат да се разгледува, да донесат одлука како да се движи во Собранието и тоа да го направат што поскоро, рече денеска во одговор на новинарско прашање координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.

Ако го анализирате вчерашниот ден кога главна тема беше каде ќе се разгледува Договорот за коридорите, дополни Митрески, првата шпекулација од ВМРО-ДПМНЕ беше дека наводно мнозинството бара начин како Договорот воопшто да не се разгледува.

-На тоа одговоривме и како став беше прифатен на координација кај претседателот на Собранието ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи бараше да се разгледува Договорот за коридорите, самите да одлучат на која комисија, кога и каде сакаат да се разгледува, да донесат одлука како да се движи во Собранието и тоа да го направат што поскоро. Кога видоа дека немаат одговор а целта очигледно им е да продолжат со шпекулации, почнаа со нови измислици и шпекулации дека договорот треба да биде даден на разгледување неколку дена. Иако точно знаат дека согласно законските одредби за класифицирани информации и Уредбата на Влада донесена 2004 година за ваков тип договори тоа не е можно на тој начин затоа што има пропишано начин. Затоа уште еднаш апелирам ВМРО-ДПМНЕ да кажат на која комисија и каде сакаат да се разгледува Договорот и тоа да биде побрзо, наведе Митрески.

Според него, само на тој начин ќе се прекинат сите шпекулации поврзани со најголемиот инфраструктурен проект од независноста до денес.

-ВМРО-ДПМНЕ само се служи со лаги и само да го одолговлекуваат овој национален проект, рече  координаторот на пратеничката група на СДСМ.

По објавата на ставот од координацијата што се одржа вчера кај претседателот на Собранието во однос на барањето од ВМРО-ДПМНЕ за претставување на Договорот  пред пратениците со безбедносен сертификат а на која не присуствуваше ВМРО-ДПМНЕ,  пратеникот од оваа партија Антонио Милошоски на прес-конференција истакна дека тие според Законот за класифицирани информации бараат да им биде биде даден на увид Договорот за „Бехтел и Енка“, а не, како што рече, некој министер да им го раскажува.

Според него, мнозинството се обидува „да игра со формата на оваа тема“.

-Формата е помалку битна, туку битна е содржината. За да има комисиска  расправа мора да има материјал. Не мое да има седница ако нема материјал. Материјалот на оваа тема е Договорот, нека ни го достават, нека ни дадат време да го разгледаме и ќе излеземе пред јавноста со забелешки кои работи се добри, штетни или кој пречекорил законски овластувања на штета на Буџетот, наведе пратеникот Милошоски.