Мицкоски: Власта е во паника и очекувам повеќе нерегуларности во вториот круг

8

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, денеска на прес-конференција кажа дека неговата партија освоила 55 илјади гласови повеќе од СДСМ на советничките листи. Тој повика граѓаните помасовно да излезат во вториот круг и да гласаат.

„ВМРО-ДПМНЕ има 55 илјади гласови повеќе од СДСМ на советничките листи. Иако сликата е јасна, има уште еден круг. Првиот круг поткуп на гласови, полнење на кутии, притисоци, уцени, а очекуваме во голема мера и во вториот круг бидејќи се во паника. Ги повкуваме граѓаните да излезат во што поголема бројка, бидејќи само со голема излезност може да се победи организацијата на Спасовски, обвинителството на Русковска, и оние бандити од СДСМ. Остана уште еден чекор за победа.

Откако неуспешно велеа дека се најдобри, денеска велат дека ќе донесат прогрес. По пет години, нивниот прогрес е прогрес на криминал, корупција, прогрес на трошоците за живот, на скандалите и на неуспесите во сите полиња. Прогрес на нивниот личен имот.

Изборите покажаа дека има сериозно антивладино расположение и незадоволство, а опозициските гласови и нивната заедничка цел е промена на власта и нова иднина за Македонија. Затоа повикувам на здружена опозиција, заеднички до цел за подобра иднина. Секое единствено не носи поблиску да ја победиме оваа власт“, рече Мицкоски.

Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ е блиску да формира мнозинство во Советот на Град Скопје.

„Многу блиску сме да формираме мнозинство во советот на градот Скопје. Што се однесува до предвремени парламентарни избори, прво да победиме во вториот круг, а потоа ќе стане збор за ново парламентарно мнозинство“, изјави Мицкоски.