Мицкоски пак го кани Заев на ТВ дуел за да ги соочат аргументите

5

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски повторно го повика лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на ТВ дуел за да ги соочат аргументите.

„ТВ дуелот е добра алатка за соочување за време на изборитe. Јас се надевам дека З.З. ќе се охрабри и ќе излезе на дуел да ги соочиме аргументите околу тоа дали блескаме и сме на прав пат или треба обнова на Македонија. Јас веќе кажав дека имам прифатено неколку понуди и стојам на располагање“, рече Мицкоски.

Што се однесува до листите на кандидатите за пратеници, Мицкоски најави дека помеѓу први и петти март ќе се знаат имињата на носителите на листите, а не подоцна од 10-ти март и листатата на кандидати за пратеници.

„На листите ќе се најдат најголем дел од луѓето коишто за прв пат ќе се појават на листа, но ќе има и кандидати за пратеници коишто се искусни, заради поефикасна работа и улога во работата на парламентот“, рече Мицкоски.

Во однос на случајот „Рекет“, Мицкоски уште еднаш повтори дека институциите се на потег да го расветлат случајот и како што рече „да ја откријат главата на октоподот“.

„Јасна е ситуацијата, која е главата на октоподот во случајот „Рекет“ и тука не треба да решаваме ребуси. Вчера слушнавме како Зоран Заев бара правда, но најверојатно неговиот обид за правда е барање на нова амнестија. Притвореничката Јанева за која што З.З. тврдеше дека само еднаш се сретнала со него, во ПИ-мерките се покажа дека таа се среќавала со многу други луѓе блиски до Заев, неговиот брат, братучед и тоа не биле разговори за критика за романи, туку за бизнис зделки. Ако Јанева одела на средба во Владата сигурно не се среќавала со обезбедувањетo туку со браќата или братучедите. Затоа уште еднаш барам транспарентен и целосно законски процес на институциите кои сега се на потег“, рече Мицкоски.

Тој уште еднаш спомена дека Законот за Јавно обвинителство и Законот за Советот на јавни обвинители биле донесени со кршење на процедури и Устав, но дека народот го сфатил тоа и на 12-ти април граѓаните нема да го простат тоа.