Мијалков останува во притвор

0

Се надеваше да се брани од слобода, но екс шефот на тајната полиција Сашо Мијалков во скопскиот Кривичен суд беше спроведен од затворот во Шутка.

По одлуката на Апелација да му го укине притворот за се уште неправосилната пресуда од осум години затвор за случајот Трезор, Кривичен на барање на Обвинителството му определи нови 30 дена зад решетки за предметот Плацеви на Водно. Според неговата одбрана судот направил преседан со оглед на тоа што повисокиот суд донел поинаква одлука.

Апелација вчера одлучи да ја прифати понудената гаранција од 11 милиони евра наспроти негативното мислење на Вишото јавно обвинителство. Неколку часа подоцна обвинителката Лиле Стефанова побара нов притвор за Мијалков, овој пат за случајот Плацеви на Водно.

Основен Кривичен суд Скопје

Советот смета дека се исполнети условите од чл. 165 ст.1 т. 1 односно дека постои опасност од бегство.,образложија од Основен Кривичен суд Скопје

Според неговите адвокати во образложението стоело и дека се уште имал контакти со странски разузнавачи од околината како и израелската разузнавачка служба.

Одлуката на Апелацискиот суд да ја прифати понудената гаранција и да го ослободи Мијалков од притвор денеска ја разгледуваше и Судскиот Совет. Оттаму потенцираат дека:

-Судијата одлучува непристрасно со примена на законот врз слободна оцена на доказите и дека се забранува секој облик на влијание врз независноста, непристрасноста и самостојноста на судијата во вршењето на судиската функција по кој било основ и од кој било субјект. Сите алатки кои Советот ги има на располагање во оваа фаза, а со оглед дека судскиот предмет е активен, остануваат интерни за Судски Совет.

Мијалков има првостепена пресуда и во случајот „Таргет Тврдина“ со која е осуден на 12 години затвор, обвинет е и во случаите „Плацови на Водно“ и „Титаник 2“, а осомничен е и во предметот „Империја“. Во „Тортура“, пак, доби ослободителна пресуда. Во притвор е од крајот на февруари годинава.