Може ли Вардар до чудо во Полска?

4

Ракометарите на Вардар денеска (18 часот) ги очекува нов предизвик во Лигата на шампионите, гостување на жешкиот терен во Киелце каде „црвено-црните“ значително ослабени ќе ја имаат аутсајдерската улога. Ремито во Скопје на последниот дуел меѓу двата тима го донесе голманот Гедбан, а за позитивен резултат вечерва ќе биде неопходно чуварите на мрежата повторно да имаат свој ден.

Бидејќи во нападот дефинитивно повторно ќе има проблеми, откако Криштопанс воопшто не отпатува за Полска, повредени се и Горбок и Толедо, а на последниот дуел во СЕХА против Мотор нова повреда заработи и Дисингер. Ова ќе го принуди тренерот Кокшаров во голем дел од мечот повторно да експериментира со Чупиќ и Дибиров како бекови, тактика за која Киелце најде одговор во второто полувреме од мечот во Скопје.

„Се виде дека од бековската линија ни остана само Сташ Скубе. Повторно моравме со крилни играчи да играме на бековска позиција. Сепак, ситуацијата е таква и сега мораме да се насочиме кон дуелот против Келце. Неизвесно е што и како ќе се случува и за реваншот. Ние нема да запреме без разлика на составот. Ако треба ќе играме и со голмани на бековската позиција, важно е да победуваме”, изјави Едуард Кокшаров.

Теренот во Киелце е еден од ретките на кои „црвено-црните“ по традиција лошо минуваат, губејќи ги последните четири меча во Полска (31-27, 27-24, 23-20 и 33-31).