МОТ 2020: Театарско „…ќе има и утре!“

99

Младинскиот културен центар го најави почетокот на 45-то издание на театарскиот фестивал Млад отворен театар (МОТ), кој годинава со мото „…ќе има и утре!“ ќе се одржи од 24 ноември до 3 декември.

Отворањето на МОТ на 24 ноември ќе ја донесе премиерната изведба во живо на претставата „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“ во продукција на ФРУ и MOT. За првпат во своето постоење МОТ ќе се одржи во хибридно издание, а програмата ќе може да се следи во живо и онлајн (специјални стримови само за МОТ од домашните продукции, како и од пријателите од Словенија, Грција и од Хрватска).

Во десет фестивалски вечери, ќе се видат дури три премиери, „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“, ко-продукција на МОТ и Факултет за работи што не се учат, перформансот „Screensaver“, развиен во рамки на програмата „Современа кореографија и танц“ на Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата и „Херои 4:33“, во режија на Деан Дамјановски на Театар „Ј. Хаџи-Константинов Џинот“, Велес.

Фестивалот се отвора со премиера на „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“, ко-продукција на МОТ и Факултет за работи што не се учат (дел од тимот се победниците на Прашкото квардинале за перформанс, дизајн и простор во 2019).