МРТВИ ШИПТАРИ И ДРОГИРАНИ КОМИТИ

666

Колумна на Агим  Јонуз

Да може да се вратиме назад  во историјата, со задоволство би седнале со Џејмс Дарвин да му врземе две шлаканици што заборавил, дека во еволуцијата на човекот покрај останатите видови заборавил да ја запише и ‘‘гоцевата‘‘ раса! Е па, како да ја запише кога Дарвин воопшто не излегол на тараса! Живеел на приземје. Не видел. Се затворил у соба ко ајван и пред нос му била, ама ја превидел. Нејсе, еве, сега ја запишуваме. Значи, ‘‘ајмо напред заедно со гоцевата раса, и тоа од тараса која е барокна во време на антички делириум‘‘! Жалосно е што не се појави ниту една меѓународна здравсвтена институција да постави дијагноза и да измисли иљач.

Почитувани граѓани Македонци, секако оваа колумна нема намера да ве навреди или понижи. Ние сме браќа и делиме секојдневие, дишеме ист воздух и пиеме иста вода, е сега ако не е проблем што изворот ‘‘Рашче‘‘ е во албанско село. Во колумнава зборуваме за еден феномен кој виси како сабја над нашите глави, а ние се правиме мутави. Нешто што е феномен општо балкански, кој на крајот на краиштата доведе и до распад на Југославија иако со закон беше забранет национализмот. Зборуваме за латентен, скриен црв, кој се вика вековна омраза. Во дваесет и први век во кое интернетот не доведува до информации дали Исус навистина одел по вода и дали Мухамед кога зборел тивко се слушало преку седум рида, ние сеуште се делиме на ниво на парамециуми. Повод за колумнава не е навивањето на ( за среќа) само група навивачи кои извикуваат ‘‘само мртов Шиптар е добар Шиптар‘‘, туку феноменот на балканското буре барут врз кое седиме сите, и кое ако пукне, на сите ќе им гори газот ама касно ке биде. Мене не ме интересираат фудбалските терени по светот и што се има околу нив. Мене ме интересира моето двориште. И секако мојот мир во куќата. Ајде да почнеме од почеток.

За да не го толкувам одвратното навивање на плоштад после утакмицата со Италија, кое буквално не заслужува ништо освен по една заушка по копиљаната која не знае колкава е тежината на национализмот, ке се вратам во историјата. Да се разбереме на почетокот на анализата дека ако некој рече река македонските навивачи се националисти а албанските не, тој нека јаде бурек со месо и нека пие јогурт да бутне бурекот. Иста гомна се и едните и другите. Често пати го спомнувам феноменот на наследство од историјата во кое ја спомнувам синтагмата ‘‘ турско или каурско‘‘. Јас пораснав на стадионот на ‘‘Слога‘‘ во Чаир. За оние кои се неупатени и неинформирани, во Македонија најголемото дерби во фудбалот беше кога играа двата чаирски клубови Слога и Балкан. Слога беше ‘‘турски‘‘ а Балкан ‘‘Каурски‘‘ тим. Цела чаршија живееше за денот кога овие два клуба играа утакмица. Интересна работа, во Слога имало одсекогаш македонци, а во Балкан немаше ниту еден муслиман, а камо ли Турчин или ‘‘ Шиптар‘‘. Иако во тоа време национализмот беше забранет со закон и за секоја псовка на национална основа се идеше у затвор, во воздухот секогаш се чувствуваше едена огромна галаксија од емоции базирани на феноменот ‘‘ ќе тепаат нашите или сечените‘‘. Негативни. Дали ке тепаат турците или каурите. Дали утре некој некому ке може да му се смее у фаца или ќе треба да чека месец дена да се заборави утакмицата. Нејсе. Она што беше убаво и што не создаваше некаква опасна атмосфера беше општеството кое се базираше на агресивна пропаганда на ‘‘братство и единство‘‘ кое мораше да биде нескршливо, оти оној што ке го скршеше ‘‘ ке кршеше и камења на Голи Оток‘‘. Така, секое чудо траеше три дена, еуфоријата брзо се губеше и сите помалку или повеќе ‘‘се праева мутави‘‘ дека на утакмица не чуле како некој псуе мајка каурска или турска. Живот течеше даље, а за безбедноста и стабилното секојдневие се грижеше полицијата ( тогаш милиција). Значи, да подвлечеме дека национализмот постоел, постои, и ке постои на овие простори, ама сакам да одсликам едно време во кое таквите проблеми се ‘‘фрлале под тепих‘‘, а семето на разделеноста во тиквите на примитивците постоело растејки како балон кој подоцна пукна како и што сме сведоци.

Откога тоа време умре,  и откога американците ни ја инсталираа современата демократија базирана на ‘‘секој има право да каже што го мачи‘‘, многу трули нешта што спиеле во внатрешноста на народот испливаа на површина како кога поплава ќе донесе цркнати магариња по текот на Вардар кој надошол, а ги собрал по Полог. Од каде толкава омраза и национализам кај младите? Многу едноставно прашање на кое има уште по едноставен одговор. Па наследено од татковците! Наследено во генот.  Утакмицата Слога- Балкан никогаш не е завршена. Чаршијата менувала облик и изглед, ама луѓето останале. Останата е семката која е одвнатре зачаурена и не се искоренува. Како општество, ти можеш да подкаструваш едно дрво и да му ги кршиш гранките ама семката и коренот не можеш. Семката е таму зад голот на Слога и балкан и зад ситноста на душите на оние кои не дошле да навиваат за фудбалски клуб и за спортот, туку за ‘‘ наши или ваши‘‘ и за инает. И така, овака или онака изградивме држава која сакале или не, повторно и сеуште живее во амбиентот на ‘‘турско ли е, каурско ли е‘‘.  Арно ама, сега се други времиња.  Безбедноста на една држава се темели покрај спремноста од технолошки аспект во еден огромен дел и на моралот и љубовта на народот кон својата земја. Каков ни е моралот, а каква љубовта кон земјата. Како изгледа еден модел на современ ‘‘патриот‘‘ на кому сеедно му е кој и како се вика во една фудбалска екипа. Битно е екипата да биде од ‘‘ негово маало‘‘.

И сега да направиме една пааралела помеѓу времето во кое беше забранет национализмот и ова современо време во кое кога би се играло дерби Слога – Балкан, многу веројатно би имало ‘‘крв до колена‘‘. Секако не го зборувам ова во буквална смисла, туку фигуративно. Таман работа. Зборувам за феномен, а не за спорт. Политиката во Македонија во современото време е базирана во најголем дел на етноцентризам и популизам во ‘‘своелокални‘‘ рамки. Војната во 2001-ва си го направи своето. Примитивците кои се по бројност најголеми во јавниот живот во Македонија сопствената афирмација ја изградија врз етноцентристички пароли и политики кои народот од латентна раздвоеност ја доведоа до лудило кое функционира перфектно за сметка на личните и политичките интереси. На народ на кој омразата и поделеноста му е во генот засаден на примитивистичко тло, не му треба многу. А, таков народ можеш да дриблаш како да си Роналдо во политиката. Прашањето кое скам да го поставам нема врска со спорт. Тоа е следново.

Во време во кое третата светска војна секојднево се доведува во прашање и безбедноста на државата се темели на се освен на сопствените сили зошто Македонија е мала земја, каков субстракт од младина имаме која утре треба државата да ја брани што би се рекло со партизански јазик ‘‘ рамо до рамо‘‘.  Тоа што само мала група се осмелува да навива дека ‘‘само мртов шиптар е добар шиптар‘‘, не значи дека бројката застанува тука. Бројката е релативна зашто феноменот на ‘‘санта мраз‘‘ не знаеш до каде има корен под водата. Албанските навивачи се идентични. Криво да седиме, право да збориме, апсолутно иста гомна! Прашањето кое се поставува е, ако тоа е млад свет, дали Македонија има младина на која може да се потпре дека утре ке застане на бедемот на својата таковина! Алармантно е тоа што тој етноцентристички модел на функционирање на државата не само преку спорт, туку низ многу елементи создаде паралелни светови кои во даден момент може да завршат ( не дај боже) како Украина, како Сирија, како Палестина. Македонија е ‘‘цванцик‘‘ држава. Во даден момент на таква отворена омраза и латентна поделеност, големите сили кои го кројат светот може да ја избришат Македонија од картата на живите. Омразата која се носи во душата е отров, ама не само за луѓето, туку и воопшто за постоењето на државата. Тоа што е уште пострашно е што феноменот на дербито ‘‘Слога-Балкан‘‘ преку татковците се пренело на синовите, а како што нештата изгледаат, веќе отиде и на внуците. Проклети сме. Проклети. Не е цената изгубена утакмица, туку проклетија која еден ден ке не кошта држава. Тоа ме плаши. Ексик и државата, цената е крв! Крв до колена! На кого му е потребна. Не се децата криви, ние сме тие што сме го посејале злото. Тие се нашето лице.  И македонците и албанците. Постарите, татковците, дедовците. Ние сме за ќотек!

ОООО ЏЕМААТ , и господ рекол ‘‘јас ти давам памет а ти употреби го‘‘! Во секој народ има гомна. Не можам јас да ти го чувам двориштето, треба сам да го чуваш! Сиктер дома и васпитај си ги децата, па врати се. Ама почни прво од себе. Стоко!!!

(Авторот е редовен колумнист на весникот Коха)