Мултимедијална изложба „Тркало на времето“ на италијанскиот уметник Марко Бањоли во Чифте амам

3

Во галеријата Чифте амам вечер од 19 часот ќе биде отворена мултимедијалната изложба „Тркало на времето“ на италијанскиот уметник Марко Бањоли во организација на Галеријата „Остен“. Со оваа изложба ќе биде објавена одлуката на Советот на „Остен“ – Италија да биде „Земја во фокус“ на Остен Биеналето Скопје 2024.

„Тркало на времето“ е монографска изложба на Марко Бањоли (Емполи, Италија, 1949) која ги обединува делата на уметникот од последните 35 години и нови продукции специфични за локацијата во историскиот Чифте амам во Скопје.

-Амамот е изграден во средината на 15 век следејќи ги облиците на исламската архитектура и низ вековите се користел од муслиманите, евреите и православните, станувајќи место на културен и религиозен синкретизам. Истражувањето на Бањоли е чудна космичка и духовна истрага која генерира спој помеѓу западните и источните верувања, толкувајќи митологии и списи кои потекнуваат од далечни векови и хетерогени култури. Уметникот не води кон една метафизичка друга димензија преку видеопроекции раширени во просториите и звуци кои одекнуваат под куполите на скопскиот амам и ни раскажуваат приказни кои од Ефес водат до индискиот Ауровил – крстопат на знаење и граѓанство – до градини на античките шаховски фигури изработени од злато и сребро, придружени со појава на арапски феникс. Бањоли бара, преку уметноста, духовно и човечко единство што може да ги надмине сивите граници исцртани од тесноградоста на луѓето, соопшти „Остен“.

Изложбата е организирана во соработка со Зеринтија, Асоцијација за современа уметност, и со поддршка на Амбасадата на Италија во Скопје и Италијанскиот културен институт во Белград.