Муртезани: Предлозите за конзули во Америка не се на Алтернатива

1

Орхан Муртезани, портпарол на Алтернатива преку Фејсбук ја информира јавноста дека неговата партија не е поврзана со кадрите за кои во медиумите вчера беше објавено дека се предложени за дипломатски места во САД.

„Aлтернатива досега нема ниту разговарано за своја застапеност во дипломатијата, ниту пак ја презеде таа одговорност. Секоја вест или објава по социјалните мрежи со кои што за назначување на дипломати се поврзува Алтернатива е само клевета и нема никаква поврзаност со нашата партија“, вели Муртезани.

Инаку, Алтернатива на крајот на минатата година влезе во Владата, откако претходно Движењето Беса премина во опозиција. Владини партнери на коалицијата на СДСМ во Владата се партиите на Албанците, ДУИ и Алтернатива.

И МКД. мк вчера објави дека Владата, по предлог на Министерството за надворешни работи, го утврдила предлогот Бесмира Ејупи да биде пратена за македонски генерален конзул во Њујорк, додека Петри Муслиу, за генерален конзул во Чикаго.

Во биографијата на Ејупи пишува дека таа била презентерка во неколку телевизиски куќи. Петри Муслиу е син на политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.

Портпаролот на Владата Душко Арсовски на новинарско прашање рече дека на отворената седница на Владата немало таква точка на дневниот ред, но не одговори на потпрашањето дали таквиот предлог бил утврден на затворениот дел од владината седница.