Мухамед Зеќири поднесе оставка во Владата

9

Генералниот секретар на Владата, Мухамед Зеќири поднесе оставка од функцијата, по информацијата од Обвинителството дека е осомничен за злупотреби.

„Почитуван претседател на Владата на Република Северна Македонија, г-дин Димитар Ковачевски.
Низ мојот работен век секогаш сум го одбирал вистинскиот пат, патот на чесноста, праведноста и вистината. На овие мои животни вредности сакам да останам доследен.
Затоа, како човек со личен интегритет, ја поднесувам мојата неотповиклива оставка од функцијата Генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија.
Верувам во институциите на системот, верувам во правичноста и праведноста и верувам дека вистината ќе излезе на виделина. На сите институции им стојам на располагање во секое време, за да ја докажам мојата невиност.
Почитуван претседателе, Ви благодарам на укажаната можност да бидам дел од Вашиот владин состав и Ви благодарам што верувате во мојата заложба и посветеност во работата“, напиша Зеќири.

Утрово јавен обвинител донесе наредба за истрага во која осомничени се Мухамед Зеќири и две други лица. Зеќири се гони бидејќи во периодот од месец април 2021 година до месец јануари 2022 година, со искористување на својата службена положба првоосомничениот без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани.

„Со преземените дејствија осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100,00 денари, а на штета на Буџетот на Р Северна Македонија. Износ што бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги“, пишува во соопштението на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.

Поради можноста осомничените, меѓу кои е и Зеќири можат да се дадат во бегство, побарана е мерка притвор, за која одлучува кривичниот суд.