Наместо цените ќе се ограничува маржата за основните производи

12

Оваа и наредната недела ќе имаме средби со сите засегнати страни, посебно со производителите и трговците со прехранбени производи за да најдеме начин да нема поскапување на цените, вели министерот за економија Крешник Бектеши

Наместо замрзнување на цените кај основните животни производи, од наредниот месец најверојатно ќе се ограничи маржата на трговците, најави денес министерорт за економија Крешник Бектеши.

Тој на прес конференција во Владата за стратегијата за паметна специјализација за економски развој, одговарајќи на прашање на новинарите, рече дека во тек се анализи и наскоро ќе се излезе со конечна одлука.

Како што објасни, рокот на постојната одлука за замрзнување на цените е до крајот на месецот. Во однос на продолжување на мерката веќе се при крај сите анализи во секторот за трговија при Министерството за економија, а во соработка со другите економски ресори во Владата.

„Оваа недела и наредната недела ќе имаме директни средби со сите засегнати страни, посебно со производителите и трговците со прехранбени производи за оние производи кои се наведени во одлуката за замрзнување на цените за да најдеме начин да нема поскапување на цените. Најверојатно ќе се оди со дефинирање на одредени маржи и во трговијата на мало и во трговијата на големо, имајќи во предвид дека во делот на производите што ги произведуваме дома, таму секако може да се интервенира. Но, забележавме дека производите кои што се увезуваат во нашата земја, кај нив има поголемо зголемување на цените и затоа најверојатно ќе се оди со опцијата на определување на маржите“, изјави Бектеши.

Инаку, на крајот на минатиот месец Владата ја продолжи одлуката со која се определуваат највисоки цени на основните прехранбени производи, како што се: леб, шеќер, брашно – тип 400, сончогледово масло за јадење, трајно млеко со масленост од 2,8, 3,2 и од 3,5 %, свежо месо и сувомесни производи, сирење и урда, ориз, јајца и тестенини.

„Со оваа одлука највисоките цени на овие производи остануваат на нивото на редовните цени што се применувале на 1 декември 2021 година во трговијата на големо и во трговијата на мало, при што се исклучуваат цените на попуст (акциски попуст/снижување/распродажба) што важеле на 1 декември 2021 година. Оваа интервентна мерка на пазарот, која почна да се применува од 6 декември 2021 година, ќе продолжи да се применува до 28 февруари 2022 година“, беше наведеново владиното соопштение.