Напаѓачот на Лондон бриџ е Усман Кан, лежел затвор за „исламистички тероризам“ (ВИДЕО)

8

Лондонската Метрополитен-полиција го идентификуваше напаѓачот на Лондон бриџ како Усман Кан, 28-годишен маж, условно ослободен во декември 2018 година, откако минал осум години во затвор за кривичнo делo „поврзано со исламистички тероризам“.

Тој во 2012 година се изјаснил за виновен за дела меѓу кои и планирање и собирање пари за активности поврзани со тероризам, и планирал да формира и да обучува во терористички воен објект за обука во Кашмир. Судијата ги нарекол неговите планови „сериозен, долгорочен терористички потфат“ и предупредил дека тој, повеќе од другите во групата, може да претставува актуелен ризик за јавноста.

https://www.youtube.com/watch?v=LDbjcSWVwGI&feature=emb_title

Судијата тогаш рекол дека Кан не треба да биде ослободен пред да издржи минимум осум години од 16-годишната казна – па, бидејќи бил уапсен во декември 2010 година, бил пуштен на условна слобода во декември 2018 година. Тој добил намалување на казната за 20 отсто затоа што се изјаснил за виновен и бил подложен на следење поради тероризам во период од 30 години.

Кан носел електронска алка за следење и, наводно, бил поканет да присуствува на правосудна конференција за затворската рехабилитација во Фишмонгерс хол, на северната страна на Лондон бриџ, во петокот. Нападот почна таму.

Еден маж и една жена починаа откако беа прободени со нож. Нивните имиња не се официјално објавени.

Две жени и еден маж сè уште се во болница.

Кан беше застрелан од полицијата, откако беше совладан од случајни минувачи, меѓу кои и еден човек што држел противпожарен апарат и друг со еден и полметарски нарвалски рог што очигледно го извадил од ѕидовите на салата Фишмонгерс. Некои од луѓето што тргнале да го совладаат терористот биле исто така бивши затвореници поканети на конференцијата.