Настап на македонската виолинистка Пламенка Трајковска, на престижниот фестивал „Жените од светот“ во Истанбул

9

Со изведба на својата композиција со наслов „Ламенто вело“ за соло виолина, македонската виолинистка Пламенка Трајковска, денеска ќе настапи на концерт на престижниот фестивал „Жените од светот“ што ќе се одржи во Истанбул.

Во рамки на музичката програма на фестивалот „Жените од светот“, се реализира програма за композиција и продукција на дигитална музика со наслов „Мојот град мојот глас“, во која учествуваат одбрани музичарки од Турција, Северна Македонија, Косово, Србија и Босна и Херцеговина. Проектот се реализира со помош на Британскиот совет, организацијата „Beats by girls“ и „Brighter sound“ од Турција.

– Како дел од проектот „Мојот град мојот глас“ Пламенка Трајковска ја создаде композицијата „Ламенто вело“,  која се базира на звуците од градот Скопје и на фолклорна тема заедничка за балканските простори. „Ламенто вело„ се снимаше во Белград во студиото „Шум“ и е сниман и видео материјал. За композицијата миксот и мастерингот го прави компанија од Истанбул. Композицијата „Ламенто вело“ ќе биде дистрибурана на сите музички платформи на почетокот од април, соопшти виолинистка Пламенка Трајковска.

Пламенка Трајковска како композитор досега го има издадено албумот во кросовер „Апасионато“, музичкиот албум за деца „Карневалот на животните“, синглот „Светулки“, композициите „Твојот допир“, „Феникс“, „Воздишка за тебе“ и многу други остварувања. Има реализирано голем број на концерти во Македонија на најзначајните културни манифестации и концерти во Хрватска, Србија, Бугарија, Грција, Франција Танзанија и Турција.

Пламенка редовно работи во Филхармонија и со организацијата „Пламенка Трајковска – мали камерни состави“.