НАТО не ја гледа Турција како пречка во членството на Финска и Шведска

0

НАТО и САД се уверени дека Турција нема да го запре членството на Финска и Шведска во западната воена алијанса, бидејќи двете нордиски држави презедоа цврсти чекори да се приклучат како одговор на руската инвазија на Украина, пишува Ројтерс.

Финскиот претседател Саули Нинисто потврди дека неговата земја ќе поднесе барање за влез во НАТО, додека владејачките шведски социјалдемократи најавија официјална промена на политиката што ќе го отвори патот за нивната земја да аплицира за неколку дена.

Шведската премиерка Магдалена Андерсон рече дека пред Парламентот ќе се обиде да обезбеди поддршка за апликацијата, која сојузниците на НАТО очекуваат да биде поднесена заедно со Финска.

„Денеска Шведската социјалдемократска партија донесе историска одлука да каже „да“ за да аплицира за членство во одбранбената алијанса на НАТО“, напиша на Твитер шведската министерка за надворешни работи, Ен Линде. „Руската инвазија на Украина ја влоши безбедносната ситуација за Шведска и Европа како целина“.

Министерот за одбрана на земјата, Петер Хултквист, предупреди дека Шведска ќе биде во опасна ситуација доколку таа е единствената земја околу Балтикот што остане надвор од НАТО. „Би останале зад нас“, рече тој.

Турција, која ги изненади своите сојузници во последниве денови велејќи дека не се согласува со финското и шведското членство, ги изнесе своите барања на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи во Берлин. Анкара рече дека сака нордиските земји да ја прекинат поддршката за курдските милитантни групи присутни на нивната територија и да ги укинат забраните за некои продажби на оружје на Турција.

„Уверен сум дека ќе можеме да одговориме на загриженоста што Турција ја изрази на начин што нема да го одложи членството“, рече генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен одби да навлегува во детали од разговорите зад затворени врати во Берлин, но го повтори ставот на Столтенберг.

„Многу сум убеден дека ќе постигнеме консензус за тоа“, им рече Блинкен на новинарите, додавајќи дека НАТО е „место за дијалог“.

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу рече дека разговорите со шведските и финските колеги во Берлин биле корисни. Двете земји дадоа предлози да одговорат на загриженоста на Анкара, што Турција ќе ги разгледа, додека тој им обезбеди доказ дека терористите биле присутни на нивната територија, рече тој.