Најавен протест против полициска бруталност

10

Од невладината организација „Аваја“ на протест ја повикаа ромската заедница и невладините организации, со цел да не се повторат слики како оние во Битола

Видеото на социјалните мрежи, на кое се гледа како полициски службеници применуваат сила врз лице кое лежи на улица, вчера предизвика бурни реакции во јавноста. Подоцна, од објавениот разговор на претставник на невладината организација „Аваја”, јавноста дозна дека не било физички нападнато само едно лице. За инцидентот говореа тројца граѓани, кои се идентификуваа и објаснија дека на инцидентот во Битола пред два дена му претходела сообраќајната несреќа што тие ја предизвикале. Како што изјавија, тие се враќале од роденденска прослава, биле пијани и со возилото удриле во бандера. Но, наместо да им биде пружена помош, од сообраќајните полицајци кои пристигнале на местото на незгодата, тие биле физички нападнати. Тврдат дека тепањето и навредливиот однос кон нив продолжил и во полициската станица, каде биле задржани до 5 часот наутро.

„Вода побарав, не добив. Се шегуваа и се изживуваа со нас како да сме стока“, сведочеше едно од лицата. Добиле рентген снимки и медицински белешки за повредите, но не и фискални сметки.

Едниот од повредените изјави дека е дијабетичар и дека има 9 стента, и дека јавноста мора да знае каков стрес доживеале, за да не му се случи истото на некој друг.

Од невладината организација „Аваја” најавија дека ќе организираат протест против полициската бруталност и ја повикаа ромската заедница и невладините организации да се приклучат, со цел ваквите случаи да не се повторат .