Најголемиот колумбиски наркобос екстрадиран во САД, тргувал со кокаин и луѓе (ВИДЕО)

12

Колумбија на САД им го екстрадираше наркобосот Даир Антонио Усуга, познат како Отониел, објави колумбискиот претседател Иван Дуке Маркез. Освен што Отониел е најбараниот трговец со дрога и лидер на кланот Дел Голфо, тој е најопасниот трговец со луѓе во светот, пишува Би-би-си.

Отониел е уапсен во октомври по седум години криење, а минатиот месец врховниот суд на Колумбија одобри негово екстрадирање во САД.

Наркобосот во САД е баран поради обвинувања за трговија со дрога. Колумбиски власти проценуваат дека кланот на Отониел шверцувал меѓу 180 и 200 тони кокаин годишно.

Најавувајќи ја екстрадицијата, Дуке го спореди Отониел со озлогласениот колумбиски наркобос Пабло Ескобар.

„Оваа екстрадиција покажува дека никој не е над колумбиската држава“, кажа тој во видеопорака, обвинувајќи го Отониел за убиство на лидер на цивилното општество и полицаец.

Пред да биде фатен, Отониел беше најбараниот човек во Колумбија и колумбиската влада понуди награда од 800.000 долари за информации за неговата локација. САД нудеа награда од пет милиони долари за информации за наркобосот.

Кланот Дел Голфо дејствува во многу провинции и има меѓународни врски, се бави со шверц на дрога и луѓе, како и нелегално ископување злато и изнудување.

Се верува дека кланот има околу 1.800 членови, главно регрутирани од крајно десничарските паравоени групи. Членови на Дел Голфо се уапсени во Бразил, Аргентина, Пери, Хондурас и Шпанија. Кланот има контрола врз многу рути кои се користат за шверц на дрога од Колумбија во САД.

Американските власти ги опишуваат членовите на кланот како „тешко вооружени“ и „исклучително насилни“. Отониел е уапсен во своето засолниште во руралниот дел на Колумбија, во покраината Антиоква, во близина на границата со Панама.

Во операцијата на фаќање на Отониел учествувале 500 војници со 22 хеликоптери, пишува Би-би-си.