Најголем штрајк во поновата историја на Франција поради пензиските реформи на Макрон

20

Милиони работници во образованието, транспортниот систем, полицијата, правосудството и болничкиот персонал во Франција од денеска стапуваат во генерален штрајк во протест поради најавените пензиски реформи.

Штрајкот ќе биде најголемиот во последните неколку години и се предвидува дека ќе предизвика огромни проблеми во секојдневието на француските граѓани.

Причина за протестот, кој ги обедини различните синдикати во земјата, е реформата во пензискиот систем предложена од претседателот Емануел Макрон, која предвидува да се зголеми возраста кога работниците би можеле да се пензионираат, или да се соочат со пониски пензии.

Штрајкот се очекува да трае и во следните денови, а некои од синдикалните лидери предупредија дека ќе го продолжат протестот додека Макрон не се откаже од изборното ветување за целосна промена во пензискиот систем.

Според едно од истражувањата на јавното мислење, дури 69% од граѓаните го поддржуваат штрајкот, а најголема поддршка има кај граѓаните на возраст меѓу 18 и 34 години.

Владата на Макрон ќе се обиде да избегне повторување на генералниот штрајк од 1995 година, која го закочи транспортниот систем во земјата на три недели и имаше огромна поддршка од населението, што на крајот предизвика повлекување на предлогот за реформа на пензискиот систем.

Министерот за внатрешни работи, Крисоф Кастане, изјавил дека очекува 250 демонстрации низ земјата, а некои од нив смета дека може да бидат и насилни.

„Знаеме дека ќе има голем број луѓе на овие протести и ги знаеме ризиците. Побарав, кога ќе избие насилство, веднаш да има приведувања“, рекол Кастане, пренесува Би-Би-Си.

Во моментов во Франција има повеќе системи со различни начини на кои се пресметуваат пензиите, а предлогот на Макрон е да се создаде унифициран систем. Според неговиот предлог, вработените би се наградувале со поени за секој работен ден, кои потоа би биле пренесени како идни придобивки за пензијата.

Официјалната старосна граница за пензионирање последната деценија беше подигната од 60 на 62 години, но останува една од најниските граници помеѓу развиените земји.

Потегот би предизвикал намалување на привлечните пензии во разни професии, како пензиите кои ги добиваат правниците, морнарите или пак работниците во опера. Во меѓувреме реформата предвидува помали пензии доколку работниците одлучат да се пензионираат пред возраст од 64 години.