Најмногу мајски пожари во амазонската шума во Бразил од 2004 година

0

Бразил во мај регистира најголем број пожари во амазонската шума од 2004 година, што е и апсолутен рекорд за регионот Серадо, се наведува во најновиот извештај.

Сателитите од бразилскиот Национален институт за вселенски истражувања (ИНПЕ) забележаа 2.287 пожари во Амазон во мај, речиси двапати повеќе во споредба со истиот месец минатата година.

Тоа е втор најразорен мај во историјата на амазонската шума, по рекордот од 2004 година, кога имало 3.131 пожар.

Во регионот Серадо, минатиот месец регистрирани се 3.578 пожари, што е најголема бројка од 1988 година, кога Институтот почна да води евиденција.

Еколози сигнализираат оти има повеќе шумски пожари и загуба на шума од доаѓањето на власт на претседателот Жаир Болсонеро во јануари 2019 година.

– Податоците за месец мај не се исклучок, тие се дел од тенденцијата уништување на околината, изминатите три години, што е резултат на намерна владина политика, тврди директорот на бразилскиот огранок на Светскиот фонд за природаМаурисио Војводиќ, .

Според него, Владата на Болсонеро ја занемарува науката и затоа Бразил ќе плати висока цена во иднина.

Мај обично не е месец на шумски пожари, нив ги има најмногу во август и во септември, за време на сушата.

„Еколошката политика“ на претседателот Болсонеро е критикувана од меѓународни заедници, затоа што тој поддржува рударство и земјоделска активност во заштитени подрачја, вклучително и домородните територии.