Најмногу од новозаболените од ковид-19 се на возраст од 40-49 години, соопшти Институтот за јавно здравје

5

Зголемен е бројот на починати лица по компликации од коронавирус во периодот од 13 до 19 јули за разлика од периодот од 6-12 јули, намален е бројот на новозаболени и оздравени лица, но променета е старосната структура на новозаболените во однос на претходните недели при што најголем процент се лица помеѓу 40–49 години или 21.1 отсто, стои во неделниот извештај на Институтот за јавно здравје.

Во периодот 13 до 19 јули, регистрирани се 44 смртни случаи, што е 8 повеќе смртни случаи од претходниот период. Најголем дел од случаите се лица над 60 години (81,8%)., 41 од случаите се починати во болнички услови, а 3 вон болнички. Кај 35 од смртните случаи (79,5%) регистрирани се претходни коморбидитети.

Како што соопшти Министерството за здравство, од 13 до 19 јули се направени 8.161 тестирања (1834 помалку од периодот 6–12 јули што се должи и на еден дополнителен неработен ден) и регистрирани се 1.038 позитивни случаи на ковид-19 што е за 35 случаи помалку од претходната недела.

Во периодот 13-19 јули регистрирани се 545 оздравени лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е за 472 лица помалку од претходната недела на известување (6 – 12 јули). Пред ова намалување од 40 насто на неделниот број на оздравени лица, три недели бројот на оздравени лица бележеше раст за околу 40 отсто на неделно ниво.

Новозаболени се регистрирани во 26 градови при што најголем процент на новозаболени има во Скопје (39.9%) и во Штип (14,4%). Во 17 града во земјата, за истиот период, бројот на новопотврдени случаи е под 20.

Во овој период се забележува промена на старосната структура на новозаболените во однос на претходните недели при што најголем процент се лица помеѓу 40–49 години 21,1%, потоа лица над 60 години 20,6%, поголем број новозаболени се регистрира кај лица помеѓу 30-39 – 20,4% и кај лица од 50-59 години – 19,7%.

Најмал број на новозаболени има кај децата и тоа 0-9 години – 2,2%, и од 10-19 години – 3,5% од вкупниот број на новозаболени.

Од случаите кои се епидемиолошки истражени, хоспитализирани се 88 лица или 9,5 % од новозаболените што претставува намалување за 2 отсто во однос на претходната недела на известување, а кај 275 лица или кај 29,5 проценти регистрирано е присуство на коморбидитети, што е за 2 отсто повеќе од претходната недела.

Од вкупниот број на епидемиолошки истражените новозаболени 38,6 отсто имале контакт со потврден случај на ковид-19, а 12 лица (10 помалку од претходната недела) имале историја за патување во странство во минатите 14 дена.

„На 19 јули 2020 , според извештаите од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, Градската општа болница (ГОБ) ‘ 8 Септември’, Институтот за белодробни заболувања Козле, Клинички болници Битола и Штип, Општи болници Прилеп, Куманово, Велес и Гостивар, хоспитализирани се 392 лица позитивни на ковид-19, од кои 102 се на кислородна поддршка, а 5 на механичка вентилација“, вели министерството.