На Боки 13 му се врши тортура и не го пуштаат во куќен притвор, тврди неговиот адвокат

27

Поради здравствената состојба по операцијата, Јовановски барал замена на притворот во Шутка со куќен притвор, но вчера бил одбиен, што за неговиот адвокат претставува кривично дело „тортура“
По итната операција на желудникот, Бојан Јовановски – Боки 13, еднаш бил отпуштен од Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ и вратен во затворот во Шутка, но состојбата му се влошила за два-три дена и повторно бил хоспитализиран.

„По итно извршената операција во Градската болница, тој беше задржан на лекување таму десет дена. Пред десетина дена, во ден петок, беше вратен во затворот, но веќе во понеделник (27 септември) му се влоши здравствената состојба и од минатиот понеделник тој се наоѓа повторно таму. Каква може да му биде здравствената состојбата? Јас само ќе ви го интерпретирам лекарот кој го лекува – не да се подобрува туку се влошува здравствената состојба. Раната не му зараснува, се работи за зацврстено ткиво каде секое т.н. крпење на желудникот е тешко“, вели неговиот адвокат Сашко Дукоски.

Тие како одбрана барале неговиот притвор во затворот да биде заменет со домашен, но вчера барањето им било одбиено, па во денешната изјава Дукоски повторно обвини дека некој прави тортура врз неговиот клиент.

„Едноставно човек што е опериран од таква болест и со таква операција не може да биде третиран во затворски услови ниту во најсериозните демократии во светот, а не во затворот ’Скопје‘. Затоа вчерашното одбивање да се замени мерката притвор со домашен притвор не претставува ништо друго туку чист облик на кривичното дело тортура предвидено во Кривичниот законик“, вели Дукоски.

Поради здравствената состојба на неговиот клиент денеска по трет пат се одложи судското рочиште за предметот „Меѓународен сојуз“. Судијката Софче Гаврилова-Ефремова ги одложи и наредните две кои беа закажани, па првото следно рочиште сега е закажано за 28 октомври.

Јовановски во овој случај е првообвинет за делата перење пари и измама. Тој се наоѓа во притвор од 15 јули лани, кога на граничниот премин „Богородица“ беше приведен како осомничен во предметот „Рекет“.

Таму тој е осуден со првостепена пресуда на 9 години затвор, а „Меѓународен сојуз“ е втор судски процес што се води против него пред Основниот кривичен суд во Скопје.