На ден пред „Ел Класико“: Пике со отворени напади кон претседателот на Барселона

10

Изненадувачко интервју на една од најголемите ѕвезди на Барселона, Жерард Пике кој отворено со напади на раководството на клубот на чело со претседателот Жозеп Марија Бартомеу.

33-годишниот Пике е полн контрадикции изминатиов период кога станува збор за случувањата во Барселона. Неприкосновениот лидер во соблекувалната беше и самиот подготвен да замине од клубот по бламажата од Баерн – „доколку за подобрување на ситуацијата е потребна свежа крв“. А, два месеци потоа е еден од четворицата фудбалери кои го продолжија договорот со клубот до 2024 година со намалена плата.

И, иако само што потпиша нов договор, Пике очигледно воопшто не се плаши да искаже што отворено мисли за Бартомеу и неговите потези…

„Мојот однос со претседателот може да биде во ред, до некоја мера. Но, навистина е лудост што клубот потрошил пари за да не критикува нас фудбалери“ – вели Пике, алудирајќи на тоа дека Бартомеу платил лица да ги критикуваат фудбалерите преку социјалните мрежи. А, главниот советник на Бартомеу за такво нешто се уште работи во клубот.

„Тој уште е во клубот и тоа е многу болно за сите нас. Некој очигледно се уште сака да не провоцира“ – вели Пике, и дополнува:

„Начинот на кој клубот комуницира со фудбалерите е очаен. Начинот на кој се оди со намалување на платите не е во ред, и тука не се согласуваме апсолутно со ништо. Исто така не беше во ред да се отпушти Валверде на сред сезона и тоа кога бевме лидери на табелата. Тоа се се грешки на клубот и првиот човек. Така не се води клуб како Барселона“.