На Петков и Василев им фалат уште неколку пратеници за мнозинство

2

На бугарската партија Продолжуваме со промените, на премиерот во оставка Кирил Петков и новиот мандатар Асен Василев, им фалат уште неколку пратеници за да формираат ново мнозинство во Народното собрание во Бугарија, што би им овозможило да формираат нова влада.

За мнозинство во 240-члениот парламент им се потребни 121 пратеник, а дека фалат уште неколкумина утрово за бугарските медиуми изјави премиерот во оставка.

„121? Ќе видиме. Неколку луѓе треба да одлучат кому ќе им бидат лојални на партијата и нивниот лидер кој, според мене, не го исполни ветувањето кон народот и кон сите нас, да има одговорност кон Бугарија/ Секој од нив е одговорен за својата одлуката“, рече Петков.

Тој не прецизираше имиња од кои пратеници се очекува поддршка, но рече дека разговараат со сите кои се заинтересирани да ја видат програмата на новиот кабинет што би го предводел неговиот сопартиец Василев.

Бугарската влада предводена од Петков падна откако Има таков народ (ИТН) на Слави Трифонов реши да излезе од коалицијата и потоа заедно со опозициските партии изгласаа недоверба.

Покрај Продолжуваме со промените и ИТН дел од владата во оставка беа и Бугарската социјалистичка партија (БСП) и Демократска Бугарија (ДБ).

На 2 јули Продолжуваме со промените веќе имаше средби со лидерите на БСП и ДБ.

Лидерката на БСП, Корнелија Нинова, најави дека тимовите од секоја од трите партии ќе подготват програма за шест месеци со приоритети и законска рамка.

Христо Иванов од ДБ, пак, истакна дека е важно земјата да се стабилизира, додавајќи дека треба да се има одговорен пристап и да се спречат четврти предвремени избори во рамките на неколку месеци.