На Шри Ланка пластиката за еднократна употреба е забранета од јуни за да се заштитат слоновите

2

 

Владата на Шри Ланка денеска соопшти дека од јуни воведува целосна забрана за неразградливи пластични производи за еднократна употреба како еколошка мерка, делумно мотивирана од угинување на слонови и диви елени од пластичен отпад.

Забраната се однесува на производство и продажба на пластични производи, како прибор за јадење, чаши или вештачко цвеќе.

Мерката следи по препораките на комисијата составена од експерти, назначена пред 18 месеци, која го проучувала влијанието на пластичниот отпад врз животната средина и животинскиот свет.

Неразградливите пластични кеси се забранети од 2017 година.

Увозот на прибор за јадење, чаши, пакување храна, па дури и пластични играчки е забранет од 2021 година по неколку угинувања на слонови и елени во североисточниот дел на земјата.

Животните се хранеле на отворени депонии за ѓубре. Обдукцијата покажала дека тие проголтале пластичен материјал измешан со отпад од храна.

Сепак, локалното производство и продажба на пластични производи за еднократна употреба опстојуваше.

Слоновите, кои се свети животни во Шри Ланка, се заштитени со закон, но во конфликтите меѓу овие животни и луѓето во близина на различни резервати секоја година умираат околу 50 луѓе и околу 400 слонови.

Уништувањето на шумите во корист на урбаниот развој доведе до тоа дивите животни, вклучително и слоновите, да ги напаѓаат селата во потрага по храна.