На Јапонија и’ се заканува рецесија

0

Jапонија забележа пад на економската активност во првиот квартал од оваа година и го удвои трговскиот дефицит во април, што укажува на слабеење на третата по големина економија во светот, поради што се заканува рецесија.

Јапонската економија се намали со годишна стапка од 1,0 отсто во првиот квартал, покажаа владините податоци, нешто помалку од очекуваното бидејќи приватната потрошувачка покажа отпорност и покрај повторното ширење на коронавирусот. Падот на бруто-домашниот производ (БДП) во првиот квартал изнесува 0,2 отсто во однос на претходниот квартал.

Податоците покажуваат дека приватната потрошувачка, на која отпаѓа повеќе од половина од активноста во економијата, остана речиси непроменета, додека економистите очекуваа пад од 0,5 отсто.

Според новите податоци на јапонското Министерство за финансии, трговскиот дефицит на Јапонија од април од 839,2 милијарди јени (6,5 милијарди долари) е нешто помалку од очекуваниот дефицит од 1,150 милијарди јени, во однос на 414 милијарди јени во март.

Извозот се зголеми за 12,5 отсто на годишно ниво на 8,076 милијарди јени во април, побавно од 14,7 отсто во претходниот месец. Увозот, пак, скокнал за 28 отсто во однос на истиот месец лани, исто така помалку од еден месец порано, кога пораснал за 31 отсто.

Со оглед на забавувањето на растот на најголемите светски економии, можно е јапонската економија да падне во тековниот квартал. А тоа значи дека ќе западне во рецесија или ќе забележи пад два последователни квартали.

Како резултат на тоа, јапонската централна банка продолжува да спроведува стимулативна монетарна политика, иако инфлаторните притисоци се зголемуваат во Јапонија, како и во поголемиот дел од светот.