Недела ќе биде неработен ден, ама не за сите – поголема дневница и слободен ден за тие што ќе работат

12

Министерката Јагода Шахпаска истакна дека во неделите ќе продолжат да функционираат сите оние дејности коишто претставуваат задоволување на елементарните потреби на секое семејство.

Недела-слободен ден за работниците, да бидат заедно со своите семејства, да ги продолжат оние семејни традиции на кои што изминатиов период во трка со времето се запоставија, потенцираше министерката Јагода Шахпаска во утринската емисија на Сител, зборувајќи за измените во Законот за работни односи, со кои се предвидува недела да биде ден за неделен одмор.

– Ова законско решение мора да има исклучоци со цел непречено функционирање на државата и онаму каде што техничко-технолошкиот процес мора да продолжи, снабдувањето на граѓаните со електрична енергија, водоснабдувањето, собирањето на комуналниот отпад, здравствената и социјална заштита, функционирањето на малите групни домови, медиумите, културните институции, угостителството – рече таа.

Шахпаска додаде дека ќе продолжат да функционираат сите оние дејности коишто претставуваат задоволување на елементарните потреби на секое семејство. Притоа, нагласи таа, сите што ќе работат во недела, ќе имаат надомест на плата согласно Закон и колективен договор, а дополнително овие работници ќе имаат и слободен ден за одмор.