Независните пратеници на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржат законот за ЈО

11

За вечерва во 22 часот е закажана владина седница, на која се очекува да помине законот, и веднаш да биде испратен до Собранието.

За законот за јавно обвинителство ќе гласаат и независните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои велат дека за да се постигне консензус за законот, постигнале согласност, со што предметите што ги водеше специјалното обвинителство ги преземаат јавните обвинителства, потоа обвинение да не може да се заснова на прислушуваните материјали.

Во обвинението за случаите Талир еден и два, за финасирањето на ВМРО –ДПМНЕ, кои се поднесени по законскиот рок, како докази нема да се користат прислушуваните материјали.

Законот за обвинителство, велат од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, ќе почне да се применува од 30-ти јуни оваа година и ќе го усогласи кривичното законодавство со европските стандарди.

Независните пратеници апелираат и нивната матична партија да даде конструктивни и издржани амандмани , за да се донесе закон во духот на градењето доверба во создавањето правна држава и дополнително заедно да се помогне во евроатланските процеси.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери рече дека ќе го стави законот на дневен ред само ако постои усогласеност меѓу партиите.

На донесување на законот за обвинителство инсистира ЕУ, која смета дека со донесувањето на овој закон, ќе се испрати позитивен сигнал до земјите-членки на ЕУ пред да биде донесена одлуката за почеток на преговори.

За законот за обвинителство партиите разговараа цела година.

ВМРО-ДПМНЕ не го прифаќа предлог-законот на власта и бара текстот на законот да го пишуваат експертите.

Партијата смета дека законот за обвинителство може да го гласа и идниот пратенички состав.

Претпладнево, премиерот Оливер Спасовски рече дека очекува законот да го изгласа овој парламентарен состав а лидерот на СДСМ, Зоран Заев кажа дека конечното решение ги опфаќа предлозите на работните групи.