Неколку тенисер(к)и го поддржаа исклучувањето на Ѓоковиќ, Кирјос ја дочека шансата

8

Поделени мислењата, но не е мал бројот и на тие што мислат дека Ѓоковиќ со право е дисквалификуван.
Исфрлањето на Новак Ѓоковиќ од Отвореното првенство на САД во тенис предизвика многу коментари, дури и неговиот голем критичар Матс Виландер рече дека казната е престрога, но „лошото момче“ Ник Кирјос, кој го мрази Србинот, ликува, го „начека на пенал“ и застана во одбрана на судиите и супервизорот.

„Ставете ме мене на местото на ‘џокерот‘. Ако случајно погодев некого со топче во грло, на колку години забрана за настап ќе ме казнеа?, напиша Кирјос, а во анкетата понудени одговори беа 5, 10 и 20 години суспензија.

Пабло Карењо Буста, кој доби службена победа и ќе игра четвртфинале со Шаповалов, не го видел моментот кога Ѓоковиќ ја погоди судијката, но рече дека бил во шок кога ја видел како лежи и не очекувал дека мечот ќе биде прекинат.

„Додека разговараа на мрежата, бев фокусиран на продолжување на играта. Сето тоа траеше долго, а потоа Новак ми испружи рака. Мислам дека не беше намерно. Тоа е само лоша среќа. Не смеете да направите такво нешто, правила си се правила, судиите и супервизорот направија вистинска работа, иако не е лесно да се донесе таква одлука“, рече Карењо Буста.

Суспензијата на Ѓоковиќ ја поддржа некогашниот британски тенисер Тим Хенман, кој пред 18 години беше четврти на светот.

„Одлична одлука. Тој не целеше кон линискиот судија, но ја погоди со топчето. Секој мора да сноси одговорност за своите постапки“, рече Хенман, кој и самиот беше дисквалификуван на Вимблдон во 1995 година, кога на меч во двојки, со топче погоди едно од девојчињата кои ги собираат топчињата.

Џон Мекинро, кој важеше за проблематичен тенисер и кој исто така беше исфрлен од гренслем, смета дека Новак подлегнал на притисокот и дека до крајот на кариерата ќе мора да истрпи да го викаат лошо момче и го интересира каква ќе биде реакцијата на публиката кога ќе се врати на трибините, како ќе се однесува кон Србинот.

Александер Зверев мисли дека Новак немал среќа бидејќи топчето да завршеше неколку сантиметри настрана, немаше да се случи ова, но екстенисерот Грег Руседски го нападна Новак за несоодветно однесување на некој што е најдобар на светот.

Светскиот рекет број 1 остана без 250.000 долари и 180 бода кои ги освои со пласманот во осминафиналето, а ќе биде казнет и со 20.000 долари за непојавување на прес-конференција по мечот.