НЕМИРИ И БЕЗРЕДИЈА ВО БЕЛГРАД: Утринава мирно, полицијата доцна синоќа воспостави контрола

29

Утринава во Белград е мирно, откако доцна синоќа полицијата успеа да воспостави контрола врз неколкуте илјади демонстранти пред српскиот Парламент.

Тие вчера се собраа и жестоко го изразија револтот поради тоа што српската влада одлучи да воведе новите рестриктивни мерки за заштита од корона вирусот. Протестите започнаа веднаш откако претседателот Александар Вучиќ најави враќање на полицискиот час во Белград.

Во судирите меѓу полицијата и демонстрантите неколку полицајци се повредени, а беа запалени и полициски возила. Во насилните протести имаше повредени на новинарски екипи кои ги следеа случувањата на лице место.

Српските медиуми досега информираа дека биле запалени и три полициски возила, по што безбедносните служби на терен интервенираа со оклопни возила, полициски кучиња и коњи.

Премиерката Ана Брнабиќ, уште синоќа изјави дека ќе направат се за да го заштитат правниот поредок. Таа остро го осуди, како што рече, „вандализмот на политичарите кои се одговорни за упадот во српскиот Парламент во време кога државниот и здравствен систем се соочуваат со вирусот ковид-19“.