Несторовиќ: Немам амбиции да станам министер, ниту пак листата „Ние – гласот на народот“ по секоја цена да биде дел од владата

2

Носителот на пратеничката листа во Србија, „Ние – гласот на народот“, Бранимир Несторовиќ изјави дека нема амбиција да стане министер, ниту движењето по секоја цена да биде дел од владата, повторувајќи го својот став и дека ќе не поддржуваат ниту една опција за формирање мнозинство во градското собрание на Белград, пренесе Бета.

„Не е идеја веднаш да влеземе во владата, многу сме мали, се уште сме во процес на формирање партија, сакаме во следните две-три години да воспоставиме силно движење што ќе може да биде учесник во некоја влада.Затоа што кога си мал и малцински партнер со една голема, силна партија, таа те голта“, изјави Несторовиќ за весникот „Политика“.

Тој повтори дека мнозинството советници од таа листа во градското собрание на Белград нема да избираат позиција или опозиција, туку дека новите избори, доколку ги има, ќе бидат „отскочна даска“ за зајакнување на движењето.

„Според некои истражувања на јавното мислење, на изборите освоивме повеќе од 10 проценти и овие избори навистина ја расчистија политичката сцена на републиканско ниво. Се случи нешто што тешко ми е да го објаснам – Социјалистичката партија на Србија е во прилично голем пад, таканаречените патриотски сили практично исчезнаа, а коалицијата околу Милош Јовановиќ, според мене, ги изневери своите гласачи“, оцени Несторовиќ.

Тој изјави дека на политичката сцена од една страна има само група околу Српската напредна странка (СНС), а од друга собрана, како што рече, околу „фракциите“ на Демократската партија, додавајќи дека не ја сака политиката на ниту еден од нив и таа „Ние – глас од народот“ е трета опција.

„Со овие другите, се разбира, нема ни да разговараме, бидејќи нема причина за тоа, но не ни се допаѓа ниту попустливата политика кон Косово. Ова го повторивме 100 пати“, рече Несторовиќ.