Не одете по потврди во школи и градинки, ќе ги однесете после

6

Мајките што утрово отишле во градинка или во школотo по потврда за да докажат дека нивното дете оди во градинка, наишле на затворени врати. Тие прашуваат како сега да им ги обезбедат на работодавaчите неопходните потврди за да може да не одат на работа во наредните 14 дена, согласно препораките на Владата.

Од Министерството за труд и социјална политика соопштуваат дека потврдите треба да се достават до терминот за пресметка на следната плата. Ова значи дека тие сега само треба да ги известат работодавачите, а по враќањето од отсуството, тоа да го регулираат со потврда.

„Отсуствата од работа ќе се докажуваат со потврди кои ќе ги издаваат градинките и основните училишта, на име на родителот корисник на мерката за ослободување од работа поради грижа за дете со навршена возраст до 10 години,во кои ќе биде наведен и временскиот период за кој се однесува. Истите ќе треба да се достават до секторот за управување со човечки ресурси или раководителот/директорот на институцијата/компанијата во која работи, до терминот за пресметка на следната плата“, велат од Министерството за труд и социјална политика.