Не очекувајте вакцинирањето против ковид-19 да почне пред 2021, вели СЗО

14

Истражувачите прават добар напредок во развојот на вакцини против ковид-19, при што неколку од нив се во финална фаза од тестирањето, но нивната употреба не може да се очекува пред 2021 година, објави Светската здравствена организација.

СЗО работи на тоа да се обезбеди правична дистрибуција на вакцините, но додека таа не се развие, државите треба да се трудат да го спречат ширењето на коронавирусот, изјави шефот за вонредни ситуации Мајк Рајан.

„Имаме добар напредок. Неколку вакцини се во третата фаза од тестирањето и досега ниедна не потфрлила во поглед на безбедноста и поттикнувањето на имунолошкиот одговор. Реално, вакцинирањето би можело да почне во првата половина на следната година“, изјави Рајан.

Тој го посочи Балканот како еден од регионите каде што ситуацијата со коронавирусот е најзагрижувачка во моментов.

„И додека во Западна Европа болеста е ставена под контрола, гледаме загрижувачки трендови на југот на Европа и на Балканот“, изјави Рајан.