Не се планира затворање на училиштата, рече министерката Царовска

10

Не се планираат нови мерки за училиштата засега, рече денес министерката за образование и наука Мила Царовска, одговарајќи на новинарско прашање дали се планираат мерки со оглед на тоа дека периодов расте бројот на новозаболени од ковид-19.

„Состојбата во училиштата е стабилна. Според последниот извештај, 35 ученици и околу 60 наставници се заболени, што е многу помалку од крајот на првото полугодие. Сите протоколи се спроведуваат, немаме интерно ширење на болеста, така што е стабилно, засега не се размислува за поинакви мерки во училиштата“, рече Царовска во Општина Илинден, по средбата за процесот „Учи паметно, работи стручно“.

Комисијата за заразни болести вчера препорача, а Владата треба да одлучи на денешата седница дали ќе го прифати предлогот за воведување на полициски час од 22 до 5 часот.

Училиштата и градинките точно пред една година беа затворени поради опасност од ширењето на коронавирусот, и учениците продолжија со онлајн настава. Учебната година 2020/2021 почна на 1 октомври, со физичко присуство за учениците од прво до трето одделение, и во оние училишта каде има услови согласно протоколите за заштита.