Нигериецот Џими Поликарп кандидат на Интегра за градоначалник на Штип

64

Во трката за градоначалник на Штип се петмина кандидати, информира претседателката на Општинската изборна комисија – Штип, Сенка Андреева. Рокот за доставување на кандидатури беше до вчера на полноќ.

Во трката за градоначалник на Штип со мандат до октомври 2021 година влегуваат независниот кандидат Трајче Митев кој ги собра потребните 260 граѓански потписи, Лазар Наумов од партијата ТМРО, потоа актуелниот пратеник Сашко Николов од СДСМ, Гоце Ангелов од новата коалиција „Иднината во наши раце“, а составена од партиите Демократи и Македонска обединителна реформска организација, а најголемо изненадување за штипјани е кандидатурата на македонската конзервативна партија Интегра, која за свој кандидат го избра Симон Поликарп, познат на штипјани и пошироката македонска јавност како Џими, кој е роден во Нигерија, а веќе неколку децении живее во Штип.

Андреева вели дека официјално овие се петтемина кандидати за предвремените избори за градоначалник на Општина Штип.

ВМРО-ДПМНЕ по седницата на Извршниот комитет објави дека нема да учествува на овие избори и да делигира свој кандидат. Тие бараат да се одложат изборите, бидејќи здравјето на граѓаните во моментов им е важно.

Изборите за градоначалник во Штип и Пласница се закажани на 13 ти декември, ќе се гласа според здравствените протоколи на предвремените парламентарни избори. На 11 декември гласаат болните од ковид-19, на 12 декември болните, изнемоштени лица и осудениците во затворите, а на 13 ти декември е изборниот ден, кога гласачките места се отвараат во 7 часот.