Николовски: Пендаровски му сврте грб на народот, затоа го напуштивме неговото обраќање

20

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата денеска ја напуштија собраниската седница на која годишно обраќање имаше претседателот на државата Стево Пендаровски. Причините за тоа ги соопшти пратеникот Александар Николовски кој рече дека ВМРО-ДПМНЕ ги продолжува замрзнатите односи со Пендаровски и пратениците од неговата партија му го свртеле грбот денеска поради тоа што тој му го свртел грбот на народот.

-Стево Пендаровски наместо да обединува, поларизира. Имаше историска шанса да биде првиот претседател на Македонија кој не е оспоруван но за жал ја прокоцка заради теснопартиски наредби и како заради стилот и карактерот на однесување, оцени Николовски.

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, како што кажа, го напуштиле обраќањето на претседателот на државата од неколку причини.

-Првата е дека Стево Пендарровски докажа дека не е претседател на сите граѓани туку извршител на една политичка структура, извршител на Зоран Зсев. Со тоа Стево Пендаровски сврте грб на македонските граѓани и затоа денеска ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата му свртеа грб нему и ја напуштија салата каде што тој имаше обраќање, рече пратеникот на опозициската партија.

Второ, потенцира Николовски, Стево Пендаровски е прв којшто кажа дека нашиот национален херој Гоце Делчев е Бугарин, и со тоа ги сруши македонските национални позиции, ја отвори Пандорината кутија, ги оневозможи историчарите на научна основа да разговараат за историјата.

– Во преговорите за историјата внесе политика и драматично ги поткопа темелите на македонската самобитност, македониот национален идентитет, самобитноста на македонскиот јазик и посебноста на македонската историја. Стево Пендаровски не кажа ниту збор за изјавите на Зоран Заев дека бугарската војска била ослободител, дека тука имало администрација, дека македонскиот и бугарскиот јазик биле исто. Стево Пендаровски е претседател кој не се консултира ниту со политичките партии ниту со еден поширок општествен круг за стратешки работи кои и се предлагаат на Македонија од типот на еден од најбитните институции како што Европската економска асоцијација, рече Николовски.