Николоски: ЕУ да го почитува и македонското мислење бидејќи проблемот со Бугарија го загрозува националното самоопределување

9

 

Ако нешто во моментов ги загрижува граѓаните и нешто е причина граѓаните да размислуваат и да ја напуштат државата, мислам дека во моментов најзначајната причина е високо распостранетата корупција и криминал кои што не ги има само на високо ниво туку за жал се спуштени и на најниско можно ниво. Нема институција, нема сектор каде што наместо да владеат правилата или да владеат законите, или да владејат добрите практики, владеат стандарди кои што се поврзани со лична корист на одредени службеници кои што работат таму, рече Александар Николоски, претседател на Националниот совет за евроинтеграции на денешната седница во Собранието, на која шведската амбасадорка Ами Ларсон Јаин ги претстави приоритетите на претседавањето со Советот на ЕУ.

Николоски додаде дека тоа е причина да доволен број на луѓе да размислуваат да ја напуштат државата. Денеска граѓаните не ја напуштаат Македонија поради економски причини туку и поради високото ниво на корупција и криминал.

-Морам да ја искажам и мојата загриженост за најновите одлуки на одредени земји членки на ЕУ пред се тука мислам на Германија, која што силно ја либерализираат политиката за издавање на сопствени државјанства, што мислам дека дополнително ќе иницира процес на иселување не само од Македонија туку од целиот регион. И регионот заглавен во оваа идеја за проширување и во желбата за напредок, наместо да напредува станува добар извозник на едуцирана работна сила. Тоа е предизвик со кој што ќе се соочува и Македонија и регионот во периодот кој што доаѓа, рече тој.

Тој се осврна, како што рече, на дополнителните услови кои што секогаш и се поставуваат на земјава во однос на членството во ЕУ.

-Втората работа која што сакам да ја споменам, ја знаеме сите добро и е во однос на дополнителните услови кои што секогаш и се поставуваат на Македонија, дали тука зборуваме за промената на името, дали тука зборуваме за условувањето од страна на Бугарија, постои чувство дека тоа е еден процес кој што никогаш не прекинува. Ќе употребам една паралела и ако не е целосно соодветна, Шведска се обидува да стане членка на НАТО и има условување од страна на една друга земја членка на НАТО алијансата, а тоа е во случајот Турција. И мислам дека премиерот на Шведска имаше една многу корисна изјава деновиве кога кажа има работи кои што можат да ги направат, но има работи кои што не можат да ги направат затоа што се спротивни на нивните вредности, рече Николоски.

И во таа насока, додаде тој, мислам дека треба да биде испочитувано и мислењето на мнозинство пред се од македонскиот народ затоа што прашањата кои што се поврзани со Бугарија го задираат директно делот на самоопределување на македонскиот народ каде што точно има работи кои што народот едноставно мисли дека не треба да бидат прифатени.

Николоски посочи дека во следните шест месеци се надева дека ќе има добра и плодна соработка со Шведска, а во исто време се надева дека Македонија ќе е пример, дека може да се напредува кон ЕУ.