Новата учебна година ќе почне со физичко присуство

14

Подготовки се прават за сите ученици од 1 септември да се вратат во училишните клупи, но под посебни протоколи за заштита од ковид-19, рече министерката за образование и наука, Мила Царовска, во изјава за ТВ Сител.

Владата на денешната седница ги усвои одделните планови за одржување на наставата во основното и средното образование согласно одлуките на Министерството за образование и наука (МОН) со повторно отворање на училиштата во учебната 2021/2022 година.

Царовска истакна дека Планот и Протоколите денеска беа усвоени од Владата.

„Новата учебна година ќе започне со физичко присуство за сите ученици. Тоа е и најпосакувано сценарио. Секако, наставата ќе се одвива со усвоени протоколи, носење маски, проветрување и мерење на температура“, рече Царовска.

Министерката рече дека целта на МОН е да обезбеди континуитет на наставата, но и заштита на здравјето на учениците, наставниците и родителите. МОН, како што рече, сериозно пристапува и има уште две алтернативни сценарија, но дали и кога ќе се применуваат ќе зависи од Комисијата за заразни болести.

Доколку епидемиолошката состојба се промени, може да се донесе одлука наставата од петто до деветто одделение да се спроведе со учење од далечина. Или, пак, да се примени третата алтернатива, која предвидува враќање на сите ученици во училиштата под здравствени протоколи, но со ротација на групи ученици, така што една група е во училиште со физичко присуство, додека друга следи настава онлајн.

Царовска рече дека сите три сценарија се поткрепени со соодветни протоколи за заштита на здравјето на учениците и наставниот кадар, а со тоа и на јавното здравје и додаде дека за тоа јавноста ќе биде на време информирана.