Новиот „Спајдермен“ е првиот филм во пандемијата кој заработил милијарда долари

2

Новото продолжение на „Спајдермен“ стана првиот филм од почетокот на пандемијата кој заработил повеќе од една милијарда долари на светско ниво. „Нема пат до дома“ ќе ја понесе титулата на најуспешен филм за 2021, победувајќи го кинескиот блокбастер „Битката за езерото Чангџин“, кој заработи повеќе од 905 милиони долари.

Последниот филм кој ја надминал границата од милијарда долари беше „Војна на ѕвездите: Подемот на Скајвокер“ од 2019 година и оттогаш ниеден филм не дојде ни блиску до оваа цифра.

Третиот филм од трилогијата со Том Холанд во насловната улога овој викенд стигна до заработката од 1,05 милијарди долари, а сè уште не почнал да се прикажува во Кина, која е најголемиот филмски пазар на светот.

Пред „Нема пат до дома“, најуспешниот холивудски филм во пандемиската ера беше „Не е време за умирање“, кој оствари приход од 774 милиони долари.