Нови детали за смртта на Коби: Сопственикот на хеликоптерот ја немал потребната дозвола

4

Компанијата во чија сопственост бил хеликоптерот „сикорски С-76Б“ што минатата недела се урна во близина на Лос Анџелес, при што загинаа девет лица, меѓу кои и познатиот кошаркар Коби Брајант, немала дозвола за визуелно летање во специјални временски услови. Визуелното летање (VFR: Visual Flight Rules) е збир на воздушни регулативи според кои пилотот управува со леталото користејќи надворешни параметри, без да се потпира на инструментите.

Иако пилотот Ара Зобајан добил дозвола за специјално визуелено летање (SFVR) од воздушната контрола, тој немал законско овластување за таков начин на летање, бидејќи компанијата во чија сопственост бил хеликоптерот намалa соодветна дозвола, пишува „Њујорк тајмс“.

Според три извори запознати со работата на компанијата „Island Express Helicopters“, американската Сојузна управа за цивилно воздухопловство (FAA) ја овластила компанијата за спроведување визуелни летови само на видливост од најмалку 4,8 километри и облаци не пониски од 300 метри над земјата.

Иако хеликоптерот имал софистицирани летачки параметри за визуелно летање одобрени од FAA и иако на пилотот му било одобрено SFVR во конкретниот случај, сепак според дозволата која ја имала компанијата тоа можел да го направи само во услови со доволно добра видливост за визуелна навигација, а не при исклучително лошо време какво што било тој ден.