Нов пораз на Вардар, Мешков Брест го понижи европскиот шампион

16

Вардар одигра катастрофално второ полувреме и доживеа срамен пораз на гостувањето кај Мешков Брест од девет голови разлика, 22:31.

Вардар продолжува да реди порази во Лигата на шампионите. Мешков Брест пред почетокот на натпреварот изгледаше како противник против кој европскиот шампион може да почне да ја враќа формата, но на теренот се случуваше нешто сосема друго.

Но, почетокот на мечот не наговестуваше тежок пораз, напротив, беше израмнето, двете екипи се менуваа во водство, а на полувремето Вардар имаше водство од 13:12.

Во второто полувреме како да излезе друг тим на теренот, Мешков Брест брзо дојде до водство кое не само што не го пушти до крајот туку постојано го зголемуваше до неверојатни 31:22. Во вториот дел Вардар даде само девет голови а прими дури 19.

Вардар му даде отказ на Писонеро по првиот пораз во Лигата на шампионите, но се чини дека тимот со Кокшаров не само што не се подобри, туку е уште полош.

На денешниот меч Стоилов даде шест голови, по четири постигнаа Дибиров и Атман, Криштопанс и Скубе реализираа по три пат. Вардаровите голмани и овој пат речиси не фатија ништо. Во составот на Мешков, Ваилупов беше незадржлив со 12 голови од 12 шута.

По девет одиграни кола во Лигата на шампионите, Вардар е шести на табелата, последното кое носи во осминафиналето.