Обвинението за „Рекет 2“ по Нова година

8

Од утре обвинетите повторно ќе се повикуваат да дадат искази, но не се открива дали делото останува со петмина осомничени или пак истрагата во меѓувреме е проширена

„Истрагата за случајот „Рекет 2“ привршува, а на почетокот на јануари може да се очекува и обвинение за овој случај“, изјави шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска. Таа истакна дека веќе е при крај втората истрага, која се однесува на делата „измама“ и „перење пари“ кои се одвивале преку работата на невладината организација на Бојан Јовановски, „Меѓународен сојуз“.

Осомничена за измама во делото е и почесната претседателка на организацијата, односно пратеничката Фросина Ременски, која минатата недела во канцелариите на Обвинителството шест часа вршеше увид во доказите.

Во овој случај, покрај првоосомничениот Боки 13, во случајот „Рекет“ осомничени се и неговиот татко Миле Јовановски, заменик-претседателката на Меѓународниот сојуз Јасна Мандиќ, пратеничката од СДСМ и потпретседателка на Собранието Фросина Ременски, која беше почесна претседателка на сојузот.

Обвинителката Русковска изјави дека во името на обвинетите Боки 13 и неговиот татко Миле Јовановски, увид во доказите направил адвокатот Сашо Дуковски. Двајцата се осомничени за перење пари, како и заменик-претседателката на невладината, Јасна Мандиќ, но и асистентката на Боки, Христина Блажевска. Русковска додаде дека од денеска ќе ги повикува повторно да даваат искази, но не откри дали делото останува со петмина осомничени или пак истрагата во меѓувреме е проширена.

Од друга страна, по сведочењето во судот на Ана Камчева, која истакна дека Јовановски во нејзино присуство зборувал и со првиот човек на полицијата, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, тој викендов изјави дека навистина телефонски комуницирал со првообвинетиот во „Рекет“, но само службено.

За новите „бомби“ објавени на Јутјуб поврзани со случајот „Рекет“, во кои се слуша гласот на Орце Камчев, говореше и јавниот обвинител Љубомир Јовески. Како што вели тој, Јавното обвинителство не ги поседува тие „бомби“.

Претходно, шефот на државата Стево Пендаровски изјави дека случајот „Рекет“ мора да добие правна разврска и останува да биде лакмус за правната држава, а со тоа и тест за отпорноста од политички влијанија на клучните институции.

Тој повика на истражување на криминалите на претходната, но и криминалите на актуелната власт. Експертите бараат мерки токму во делот на високата корупција, за што се потребни силни институции.